Тој го посочи објаснувањето кои и вчера го дадоа од МЕПСО за технички дефект на далноводот во Пинтија и пожарот настанат од изгорениот изолатор
На прашањето дали постои сомнеж дека нешто е намерно направено во врска со вчерашното прекинување на снабдувањето со струја во најголем дел од Скопје, Велес и Овчеполието, премиерот Димитар Ковачевски вели дека тоа единствено може да го кажат стручните лица што работат во МЕПСО.
„Јас не зборувам за никаков сомнеж туку за спроведување на сите процедури пропишани според упатствата за работа во МЕПСО и другите институции“,
рече Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања кога објаснуваше дека службите и денеска се на терен за да ги поправат дефектите.
Исто така, на увид има и екипа од Министерството за внатрешни работи (МВР).
„Во оваа пригода сакам да им изразам благодарност и пофалба до вработените во диспечерскиот центар на МЕПСО и на техничкиот кадар кој веднаш во најкраток можен рок отидоа на терен и работеа до три и пол часот наутро. Скопје го вратија во многу краток период преку радијално снабдување, а потоа и оние корисници што се наоѓаа во Бунарџик. Денес веќе почнуваат со работа на коригирање на сите тие проблеми што имаат останато во системот, се работи за техничка грешка. Исто така, и МВР е излезено на терен и тие исто така ќе ја завршат својата работа според професионалните стандарди“,
рече премиерот.
Тој го посочи објаснувањето што и вчера го дадоа од МЕПСО за технички дефект на далноводот во Пинтија и пожарот настанат од изгорениот изолатор.
„Се работи за технички дефект кој се случил на еден од далноводите кои го напојуваат Скопје, кој се наоѓа во Пинтија, има изгорено изолатор на високонапонскиот далновод. Како резултат на тоа се случило опожарување на сламата во околината при што системите за заштита на МЕПСО веднаш реагирале, тоа се сложени системи кои прават заштита на трафостаниците кои го напојуваат Скопје, Велес и дел од Овчеполието. Веднаш е прекинато со напојување со електрична енергија во двете насоки“,
рече Ковачевски.