„Не, никако. Јас верувам дека веќе ДУИ не е хомогена. ДУИ е трансформирана во внатрешна диктатура, монархија“ – вели лидерот на Беса
Кој би му бил соговорник од опозициската коалиција кај Албанците на идниот мандатар со оглед на тоа што „Европскиот сојуз за промени“ е сочинет од пет субјекти? Дали мандатарот ќе треба паралелно да преговара со сите петмина лидери? Ова беше една од темите на кои одговараше лидерот на Беса, Билал Касами, во емисијата „360 степени“ на МРТ 1.

„Верувам дека ова е техничко прашање, тоа што е поважно е дека ние ќе излеземе со еден глас, со еден став, со една позиција како што излегуваме, што се однесува на преговорите за идното владеење и тоа е наша цел – да се деблокира евроинтеграцискиот процес“,
вели тој.
Касами беше прашан и дали хетерогеноста на опозициската коалиција, всушност, ѝ дава компаративна предност на ДУИ утре при преговори за нова влада.
„Не, никако. Јас верувам дека веќе ДУИ не е хомогена. ДУИ е трансформирана во внатрешна диктатура, монархија“,
вели првиот човек на Беса, посочувајќи дека судбината на ДУИ зависи од Артан Груби, за кого, како што додава, самиот Али Ахмети има потценувачка оценка.
Според Касами, станува збор за пет политички субјекти во едно тело, кои имаат една цел и мисија, а тоа е промена кај Албанците во Северна Македонија.

„Секој од политичките субјекти, во една или друга форма, беше дел од власта и секој од политичките субјекти сфати дека станувајќи дел од власта, каде што одлучувањето го има ДУИ, нема да може да ги реализира програмата и програмските определби, туку само да ѝ служи на ДУИ. Целото ова искуство, индивидуално, политички или партиско, со заедничко владеење со ДУИ, нè доведе во ситуација да попуштиме, секој од политичките субјекти, да толерираме, да не бидеме ригорозни во насока на барања и мерења на позиции, со цел, пред да го видиме дрвото, да ја видиме шумата, пред да видиме каде сме ние, да видиме каде се Албанците“,
додава тој во интервјуто.