Предвремени парламентарни избори се решението за политичка стабилност на земјата, вели потпретседателот на ДУИ во интервју за „360 степени“

Јас мислам дека ќе учествуваме на локалните и ако нема предвремени парламентарни избори, но ако, не дај боже, на противуставен начин, Уставниот суд инсистира на укинување на Законот за јазиците, тогаш не можам да кажам кое ќе биде политичкото делување на ДУИ – рече потпретседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Арбер Адеми, во гостување во емисијата „360 степени“ на МРТ 1.
Адеми вели дека ДУИ е добро етаблирана партија на политичката сцена и оттаму, подготвена не само за локални туку и за предвремени парламентарни избори, на што и инсистираат. Тоа е решението за да има стабилност на политичката сцена, вели тој. Доколку, пак, не успеат да издејствуваат предвремени парламентарни, Адеми вели дека тоа ќе биде лошо за државата, а не за неговата партија.
„ДУИ додека е во опозиција, расте, и тоа многу повеќе од тоа што беше и затоа сега се чувствува некоја криза кај опонентите, но не е до ДУИ, туку до граѓаните. И кога бевме на власт последниот мандат, одбивавме предвремени избори бидејќи рековме – ајде, евроинтегративниот процес да го заокружиме. Сега две суштински прашања се во прашање – мултиетничкиот карактер на државата и евроинтегративниот процес. И двата процеса се загрозени“,
рече Адеми.

На новинарска забелешка дека во последните соопштенија на ДУИ се говори на сосема различни теми од евроинтегративниот процес на земјава, Адеми вели дека тие теми се актуелни и повтори дека токму пристапувањето на земјата во ЕУ и мултиетничкиот карактер на општеството се двете клучни прашања и процеси кои во моментов се загрозени.
„Ние не сме ВЛЕН кои кажаа пред избори дека нема влада без уставни измени и влегоа во влада, а од уставни измени ниту ’у’ има. Ние не сме такви и не поради тоа што тврдоглаво инсистираме на тоа, или заради политички и партиски цели, туку заради обезбедување на подобро утре за тебе, мене, за нашите деца“,
изјави Адеми.