Ноќеска, околу 00:55 часот во Лозница, при контрола на возило на пункт, полициски службеници од Граничната полициска станица „Трбушница“ запреле „мерцедес“ во кој имало две лица. При излегувањето од возилото, едно лице пукало со пиштол, при што убил 34 годишен полицаец и ранил друг 50-годишен припадник на полицијата
Српската полиција интензивно трага по напаѓачот кој ноќеска во Лозница уби 34-годишен полицаец и рани друг 50-годишен.
„Ноќеска, околу 00:55 часот во Лозница, при контрола на возило на пункт, полициски службеници од Граничната полициска станица ‘Трбушница’ запреле ‘мерцедес’ во кој имало две лица“,
изјави српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ.
При излегувањето од возилото, едно лице пукало со пиштол, погодувајќи ги полицаецот Никола Крсмановиќ (34) во градите и полицаецот Вјекослав Илиќ (50) во рамото, по што побегнал.
Двајцата полицајци биле пренесени во Општата болница Лозница, каде што Крсмановиќ им подлегнал на повредите.
На лице место полицијата пронашла пасош кој се верува дека бил на осомничениот напаѓач, издаден од институции во Косово на име Хајзири Артан (33), како и германска лична карта, пренесоа српските медиуми.
На возачот на автомобилот од кој било пукано, одредена му е мерка притвор до 48 часа од Основното јавно обвинителство Лозница поради сомнение дека сторил кривично дело илегално преминување на државната граница и криумчарење луѓе, објави Танјуг.
Денеска се на терен полициски службеници од полициската управа Шабац, како и од Управата за криминалистичка полиција, Управата за гранична полиција и припадници на Специјалната антитерористичка единица, а вклучени се и беспилотни летала и хеликоптери.
Во меѓувреме, српскиот министер Дачиќ го оквалификува делото како терористички напад на албански структури од Косово.
„Тој ги уби полицајците, го изврши овој очигледен терористички чин кој доаѓа од Косово и Метохија од страна на албанските структури. Ова не може да биде случајност и затоа Обвинителството за организиран криминал ќе се занимава со овој случај, бидејќи станува збор за напад на полицаец на должност“,
рече Дачиќ.
Од друга страна, премиерот на Косово, Албин Курти, на прес-конференција изјави дека ги има само информациите што се објавени во медиумите и повика да не се политизира случајот, туку да се третира од безбедносен, правен и професионален аспект.