Во врска со извештајот за 2025 година беше кажано дека за ниедна од вакцините што се во редовниот календар за прва доза од вакцината немаме достигнато посакуван опфат од 95 отсто

Да се вакцинираат децата против морбили за да се превенира можна епидемија, апелира министерот за здравство Сашо Клековски. Апелот на властите доаѓа по зголемениот број случаи со морбили во Косово и во Бугарија.
Според Клековски, бројките од Институтот за јавно здравје покажуваат дека опфатот на вакцинација е релативно низок – 62 отсто.
„Сакам да упатам апел до сите, поревносно да пристапат кон вакцинација против морбили. Ова го кажувам бидејќи во моментот расте бројот на случаи со морбили во Косово и Бугарија“,
рече тој одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Смета дека ова е причина да се почне со алармирање и најави дека во наредните денови и недели преку повеќе активности ќе се обидат да ги мотивираат граѓаните да ги вакцинираат децата против морбили, односно да се зголеми опфатот за да се превенира можна епидемија.
На прес-конференцијата во врска со извештајот за 2025 година беше кажано дека за ниедна од вакцините во редовниот календар за прва доза од вакцината немаме достигнато посакуван опфат од 95 отсто.
„На пример, за хепатитис Б имаме 77 отсто, за хемофилус инфлуенца 78, дифтерија, тетанус, пертусис – тука имаме 79 проценти, иако имавме епидемија до 2024 година. Понатаму, за вакцината против полио исто 79 отсто, 62 за МРП-вакцината и вакцините за кои релативно секогаш имаме низок опфат, тоа се ХПВ со 51 отсто. За најновите вакцини пред некоја година внесени во календарот – рота и пневмокок со 64 и 80 проценти. Имаме податоци и за ревакцинацијата, таму состојбата е нешто подобра. На пример, кај МРП-вакцината, тука веќе имаме 85 отсто кај ревакцината“,
рече Драган Кочински, раководител на одделот Епидемиологија на заразните заболувања при Институтот за јавно здравје.
Сепак, тој смета дека тоа не е доволно за да се створи колективен имунитет. За тоа е потребно, како што појасни, да имаме минимум 95 отсто и на национално, но и на регионално ниво.
Највисокиот опфат сме го имале до 2019 година, кога, всушност, имавме и епидемија и кога биле преземени противепидемиски мерки со вакцинација.
„Во моментот нема епидемија во Македонија, но бидејќи имаме во соседството, ние веќе се подготвуваме и се планираат активности за мотивација на родителите да ги вакцинираат своите деца“,
кажа Кочински.
Во врска со имунизацијата, беше нагласено дека има редовни активности на ИЈЗ и на Центрите за јавно здравје влезени и во Националната програма за јавно здравје. Тие настани биле редовни – проверки на вакциналните пунктови, пребарување на невакцинирани деца, посета на училишта и предавања, едукација од страна на епидемиолозите, така што активности се спроведувале цело време.
На новинарско прашање тој одговори дека има доволно вакцини.
