Олабавувањето на мерките за заштита од ковид-19 ќе придонесе за интензивирање на илегалната миграција во цел регион на Југоисточна Европа, при што повторно ќе бидат активирани шверцерските рути, посебно преку Беласица, во насока од кампот Муриес во Грција кон нашата држава, оцени министерот за внатрешни работи Наќе Чулев по денешната посетата на граничниот премин „Богородица“, ОВР-Гевгелија и на СВР-Струмица.
„Со појавата на ковид-19 имаме драстично намалување на бројот на илегални мигранти, но гледаме раздвижување кај криумчарите на мигранти во овој период, при што има појава на илегална миграција во железнички вагони на граничниот премин ‘Богородица’, а во југоисточниот дел на државата очекуваме раздвижување преку планината Беласица, како резултат убавото време“,
рече Чулев.
Тој оцени дека безбедносната состојба на територијата што ја покрива СВР-Струмица е поволна.
„Разговаравме за интензивирање на активностите на СВР-Струмица во насока на спроведување и мерките и одлуката на Владата поврзани со спречување на ширењето на ковид-19 и беше дадена насока да се интензивираат контролите за носење на заштитни маски, со оглед на тоа што носењето на заштитната лична опрема е поврзано со олабавување на идните мерки на Владата. Во таа насока ќе бидат засилени и централните контроли на секторите за внатрешни работи“,
реле Чулев.
Тој бил информиран дека СВР-Струмица покажува добри резултати во откривањето на имотните деликти, а во делот на борбата против наркотици зголемено е присуството на кокаин. Послаби резултати биле забележани во економскиот криминал заради недоволната екипираност на СВР-Струмица.