На денешните внатрепартиски избори во ДУИ ќе се гласа за избор на нови претседатели и раководства на ограноците во Бутел, Чаир, Дебар, Јегуновце, Кичево, Крушево, Куманово, Липково, Битола, Петровец, Пласница, Преспа, Шуто Оризари и Велес
Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска одржува внатрепартиски избори на кои членството ќе треба да се изјасни за ново раководство на 14 партиски ограноци.

„Го повикуваме членството слободно да се изјасни за новото раководство на ограноците во Бутел, Чаир, Дебар, Јегуновце, Кичево, Крушево, Куманово, Липково, Битола, Петровец, Пласница, Преспа, Шуто Оризари, Велес“,
се наведува во соопштението на Демократската унија за интеграција.
На денешните внатрепартиски избори, членството ќе гласа за избор на претседатели на ограноците, за членови на раководството на ограноците, за претседатели на локалните подограноци и за членови на раководството на локалните подограноци. Процесот ќе го води партиската изборна комисија.
Изборите, се додава во соопштението, ќе се одржат со примена на демократскиот принцип „еден член, еден глас“, кој, како што додаваат оттаму, го докажува демократскиот принцип и капацитет на ДУИ.
„На крајот на овој демократски процес победници ќе бидат сите бидејќи општото добро, придонесот за неговото остварување и ефикасната служба кон граѓаните се несомнено наша заедничка мисија“,
заклучуваат од партијата.
