Повеќе од 20 или 30 години никој не се зафатил тоа да го промени и затоа во наредните шест месеци ќе се работи на нов Закон за плати, порача Ковачевски
Членови на Управни одбори (УО) во јавни претпријатија земаат и поголеми плати од претседателот на државата, има неконзистентност во платите, порача премиерот Димитар Ковачевски, најавувајќи дека во наредните шест месеци ќе се изработува нов Закон за плати.
„Има јавни претпријатија во кои членови на управен одбор имаат поголеми плати од претседателот на државата, а се претпријатија кои креираат загуби. Повеќе од 20 или 30 години никој не се зафатил тоа да го промени и затоа во наредните шест месеци ќе се работи на нов Закон за плати. Мора да имаме ефикасна држава во којашто приватниот сектор и граѓаните ќе ги добиваат најдобрите услуги од јавниот сектор кој ќе биде способен и продуктивен“,
порача Ковачевски вечерва преку социјалните мрежи, откако претходно ваква изјава имаше и од собраниската говорница на седница за пратенички прашања во парламентот.
Премиерот на собраниската седница ја повика опозицијата да учествува во работната група која ќе работи на новиот закон, порачувајќи дека мора да се направи реорганизација на системите кои не се чепнати со години.
„Мора да се направи реорганизација на системите коишто не се пипнати 30 години. Тоа се јавни претпријатија коишто креираат загуба и тоа мора да се направи, за да направиме ефикасна држава во којашто приватниот сектор ќе ги добива најдобрите услуги од јавниот сектор и ќе биде секогаш способен и подобар и попродуктивен, за да може тоа да го финансира и во иднина“,
рече Ковачевски.