Овој сегмент е битен за Алијансата ако се земе предвид дека во 80-тите години од минатиот век, само дел од комуникациите на НАТО се одвивале преку сателит, а денес тие се најмалку 40 проценти
Лидерите на НАТО ќе ја прошират примената на клаузулата за колективна одговорност, односно членот 5 од Договорот за основање на Алијансата „сите за еден, еден за сите“, така што земјите членки ќе бидат подготвени да одговорат на вселенски напади, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Според овој член од основачкиот договор на НАТО, напад врз кој било од 30-те сојузници ќе се смета за напад врз сите нив.
„На овој Самит ќе ставиме до знаење дека, се разбира, секој напад врз вселенските можности, како што се сателити и слично или вселенски напади, може да го активира членот 5“,
најави Столтенберг, неколку часа пред да претседава со Самитот.
Скоро 2 000 сателити кружат околу Земјата, а повеќе од половина се управувани од земјите членки на НАТО. Воените команданти се потпираат на некои од нив за навигација, комуникација и размена на разузнавачки информации. Многу земји членки се загрижени за, како што истакна генералниот секретар, од сè поагресивното однесување на Кина и Русија во вселената.
Овој сегмент е битен за Алијансата ако се земе предвид дека во 80-тите години од минатиот век, само дел од комуникациите на НАТО се одвивале преку сателит, а денес тие се најмалку 40 проценти.
Клаузулата за колективна одбрана на НАТО, односно членот 5 беше активирана само еднаш, кога членките застанаа зад САД по нападите на 11 септември 2001 година, а токму американскиот претседател денеска пред почетокот на Самитот зборуваше за фамозниот член.
Тој, рече Џо Бајден, е света обврска за неговата земја.
„Членот 5 за нас е света обврска. Кога Америка беше нападната, сите направија исчекор и го испочитуваа членот 5, сакам цела Европа да знае дека САД е тука“,
рече Бајден кој првпат учествува на самит на НАТО како претседател.
Во пресрет на настанот, Бајден порача дека „САД се враќаат“ во Алијансата, како и во меѓународните односи, по четиригодишниот мандат на неговиот претходник, кој предизвика тензии со сојузниците на НАТО.