Разговорите меѓу земјите-членки на ЕУ за порастот на инфекциите со ковид во Кина како и за третманот на патниците кои доаѓаат од оваа земја, одржани во декември, завршија без одлуки околу ова прашање
Здравствени претставници на владите на земјите-членки на Европската Унија (ЕУ) в среда ќе разговараат за координиран одговор во врска со порастот на инфекциите со ковид-19 во Кина, објави денеска шведското претседателство со ЕУ.
Разговорите меѓу земјите-членки на ЕУ за порастот на инфекциите со ковид во Кина како и за третманот на патниците кои доаѓаат од оваа земја, одржани во декември, завршија без одлуки околу ова прашање.
На сличен виртуелен состанок на 29 декември, на кој учествуваа повеќе од 100 претставници на владите на ЕУ, здравствените агенции на ЕУ и Светската здравствена организација (СЗО), Италија ги повика останатите земји од Унијата да го следи нејзиниот пример и да воведат тестови за ковид за патниците кои доаѓаат од Кина.
Пекинг, како што најави, треба да ги укине ограничувањата за патување на 8 јануари, откако се откажа од политиката „нулта ковид“ и ги олабави мерките за справување со епидемијата.
Сепак, некои членки на ЕУ сметаат дека нема потреба од воведување мерки за патниците од Кина и покрај одлуката на Пекинг да ги олесни ограничувањата во услови на бран на нови инфекции во земјата.
„В среда, на 4 јануари, е закажан состанок за интегриран политички одговор на кризата за да се ажурира ситуацијата со ковид-19 во Кина и да се разговара за можните мерки на ЕУ што треба да се преземат на координиран начин“,
изјави портпаролката на шведското претседателство.
Европската комесарка за здравство Стела Киријакидес во писмо до владите на ЕУ на 29 декември рече дека треба да се разгледа итно зголемување на геномското секвенционирање на инфекциите со ковид-19 и следење на отпадните води, вклучително и на аеродромите, за откривање на какви било нови варијанти, со оглед на порастот на инфекциите во Кина.
Киријакидес рече дека блокот треба да биде „многу претпазлив“ затоа што веродостојните епидемиолошки и податоци од тестови за Кина се оскудни, советувајќи ги министрите за здравство на ЕУ да ја проценат нивната сегашна практика на геномско секвенционирање на коронавирус „како итен чекор“.
Европскиот центар за превенција и контрола на болести минатата недела објави дека во моментов не препорачува мерки за патниците од Кина.
Се вели дека варијантите што циркулираат во Кина веќе се во Европската Унија, дека граѓаните на ЕУ имаат релативно високо ниво на вакцинација и дека потенцијалот за увезени инфекции е низок во споредба со секојдневните инфекции во ЕУ, со кои здравствените системи во моментов се справуваат.