Чиле планира да воведе „пасоши на имунитет“ за лицата што оздравиле од ковид-19 и стекнале имунитет на вирусот.
Специјалните дозволи би им овозможиле на граѓаните што веќе се негативни на вирусот да можат да излезат од карантин и да се вратат на работа, без ограничувања на движењето.
Според претставничката на чилеанското Министерство за здравство Паула Даза, повеќе од 4 600 луѓе во земјата веќе имаат право на специјален пасош.
Властите најавија масовно тестирање на граѓаните преку брзи тестови со кои се утврдува присуство на антитела на вирусот.
„Всушност, тие луѓе можат најмногу да ѝ помогнат на заедницата бидејќи не претставуваат ризик“,
изјави министерот за здравство на Чиле, Џеиме Мањалич.
Сепак, сè уште има критики во јавноста поради недостиг на информации околу стекнувањето колективен имунитет на ковид-19, како и поради сомнежите за кредибилноста на тестовите кои покажуваат присуство на антитела на вирусот.
Во Чиле досега се тестирани најголем број луѓе од другите држави во Јужна Америка, при што се потврдени 10 507 позитивни случаи на ковид-19, од кои 139 починале.