Освен овие четири лица, кои се веќе приведени, од СВР Тетово велат дека трагаат по уште едно лице кое се сомничи за инволвираност во синоќешниот инцидент
Четири лица се приведени синоќа во Тетово поради сомневање дека се вмешани во вчерашниот вооружен инцидент кој се случи пред Ургентниот центар на тетовската Клиничка болница, информираат од СВР Тетово за „360 степени“.
Според информациите, полициски службеници, вчера во 23:10 часот, ги лишиле од слобода тетовчаните Р.Т.(35) и М.Т.(44), а пред тоа и 55-годишната тетовка Ш.Е. и 39-годишното лице Н.М. Полициските службеници, како што велат од СВР Тетово, тргаат по уште едно лице кое се сомничи за инволвираност во синоќешниот инцидент.
Против овие лица ќе бидат поднесени соодветни поднесоци откако јавен обвинител и екипа од СВР Тетово, по извршениот комплетен увид, ќе го расчисти и документира случајот.
Во синоќешниот вооружен инцидент, кој се случи во 18:05 часот, пред Ургентниот центар на тетовската Клиничка болница, беа ранети две лица од тетовското село Гајре. Станува збор за 41-годишниот А.М. и 36-годишниот З.М., кои како што дознава „360 степени“ се браќа.
На синоќешната престрелка пред тетовската болница и претходела физичка пресметка помеѓу еден од ранетите и еден од осомничените. Физичката пресметка се случила вчера околу 13 часот на улицата „Илинденска“ во Тетово.
Во врска со вчерашниот вооружен инцидент пред тетовската болница, денеска министерот за здравство Фатмир Меџити рече дека тој случај нема никаква поврзаност со здравството во ниту една точка.
„Во Тетово две групи имале меѓу нив некои проблеми нерешени и случајно биле во дворот на болницата. Колку што знам од информациите што ми ги даде директорот на тетовската болница, тие се префрлени на скопските клиники. Едниот е во полесна, другиот во потешка состојба. Тие се префрлени на КАРИЛ, а другото ќе го расчисти МВР“,
рече Меџити.