Ковид-19 се приближува кон крајот и ние се враќаме во нормалан, рече премиерот Бабиш, но епидемиолозите и статистиките велат дека вирусот е присутен и треба да се подготват за евентуално нов есенски бран
Чешкиот премиер Андреј Бабиш објави дека епидемијата предизвикана од ковид-19 во Чешка го гледа својот крај и дека земјата се враќа во нормала, што веднаш беше демантиран од епидемиолозите и најновите статистички податоци.
„Ковид-19 се приближува кон крајот, се враќаме во нормала“,
рече премиерот Бабиш во видео-обраќање преку Фејсбук и притоа кажа дека присуствувал на концерт на кој имало уште 9 000 луѓе во публиката.
Поранешниот министер за здравство, сега советник на чешкиот претседател Милош Земан, епидемиологот Роман Примула, сепак, предупреди дека доаѓа нов бран на пандемијата, кој ќе биде интензивен барем во Европа, и дека Чешка може да го дочека со поголем оптимизам бидејќи висок е процентот и на вакцинирани и на прележани ковид-пациенти.
„Ќе бидеме можеби подобри отколку голем број западни земји, но јас сè уште не би го нарекол тоа крај и не би рекол дека ковид-19 заминува. Вирусот е сè уште тука и тој нема да исчезне лесно“,
рече Примула.
Тој минатата недела предупреди дека од над 30 000 смртни случаи од ковид-19 во Чешка, најмалку 15 000 воопшто не требало да се случат ако владата на премиерот Бабиш не се олабавеше минатата година по успешното совладување на првиот бран во пролетта на 2020 година.
Во пресрет на минатогодишните регионални избори, пренсе Н1, премиерот Бабиш лично интервенирал и го спречил министерот за здравство, Адам Војтех, да ги заостри анти-ковид мерките, односно не дозволи да го врати задолжителното носење заштитни маски, бидејќи се сметаше дека тоа нема да биде популарна мерка кај гласачкото тело. Чешка во есенските и зимските месеци се искачи близу врвот на листа на земји кои се справуваа најлошо со пандемија и имаа најмногу смртни случаи на милион жители.
Во понеделникот беа регистрирани нови 493 случаи на вирусот, што е за 25 проценти повеќе од претходната недела, и ова е втора најлоша бројка од почетокот на јуни, според најновата статистика на чешкото Министерство за здравство.
Бројот на хоспитализирани пациенти се зголеми на 139, што е за 48 повеќе од претходната недела, а 21 пациент се во сериозна состојба односно на респиратори.
Од почетокот на пандемијата во март минатата година, 1,68 милиони луѓе се заразени со вирусот корона во Чешка, од кои 30 416 починаа.
Во Чешка, од население од 10,7 милиони, околу 5,85 милиони луѓе се вакцинирани против ковид-19 со двете дози, а повеќе од шест милиони добија барем една доза.
„Пандемијата не треба да се политизира. Клучно е да се убедат што е можно повеќе луѓе да се вакцинираат. Речиси 54 проценти се целосно вакцинирани, но ако влеземе во нов бран, луѓето повторно ќе умираат“,
предупреди првиот човек на Лекарската комора на Чешка, Милан Кубек.
Актуелниот министер за здравство, Адам Војтех, не очекува дека Чешка ќе мора повторно да ги затвори продавниците и угостителските објекти поради ковид-19, но предупреди дека мерките како заштитна маска во затворени простории и негативен тест ќе бидат потребни за користење на одредени услуги и активности, барем додека 75 проценти од Чесите не се вакцинираат.