Меѓу приоритетите кои ќе бидат во фокус на чешкото претседателство со ЕУ се управувањето со бегалската криза и повоената обнова на Украина, енергетската безбедност, зајакнувањето на европските одбранбени капацитети, отпорност на европската економија и демократските институции
Чешка по вторпат од нејзиното членство во Унијата ќе го преземе ротирачкото претседавање со Советот на ЕУ, овој пат од Франција, и ќе и го предаде на Шведска на крајот на годината
Чешката Република од денеска го презема шестмесечното претседавање со Европската Унија (ЕУ), а нејзини приоритети ќе бидат управувањето со бегалската криза и повоената обнова на Украина, енергетската безбедност, зајакнувањето на европските одбранбени капацитети, отпорност на европската економија и демократските институции.
Тоа ќе биде второ чешко претседавање со Советот на ЕУ за 18 години од членството на земјата во Унијата, а ќе се одвива под слоганот „Европа како задача: преглед, обнова, зајакнување“.
Првиот меѓу приоритетите на чешкото претседателство се однесува на бегалската криза и идната обнова на Украина. Се наведува дека чешкото претседателство ќе ги поддржи напорите на ЕУ за одбрана на украинскиот суверенитет и територијален интегритет и дека ќе ги искористи сите инструменти и програми што ги нуди Унијата, вклучително и воведување санкции.
Со оглед на тоа што руската агресија врз Украина ја предизвика најголемата бегалска криза од Втората светска војна, Чешка во соработка со Европската комисија ќе работи на флексибилен трансфер на средства и создавање на неопходни структури за помош на членките, организациите и граѓанскиот сектор кој беше најпогоден од кризата.
Задача на претседателството, како што е наведено на веб-страницата на чешкото претседателство со ЕУ, ќе биде и повоената обнова на Украина фокусирана на клучната инфраструктура, обезбедувањето основни услуги, зајакнувањето на отпорноста и економското закрепнување.
Во областа на енергетската безбедност, чешкото претседателство ќе ја нагласи енергетската транзиција, забрзувајќи ја имплементацијата на програмите на ЕУ насочени кон диверзификација на изворите на снабдување, декарбонизација и зелена транзиција.
Истовремено, ќе работат и на имплементација на инструменти за намалување на негативните социјални и економски ефекти од високите цени на енергијата.
Со оглед на растечката глобална нестабилност, чешкото претседателство со ЕУ ќе се фокусира и на зајакнување на безбедносните и одбранбените капацитети, особено во партнерството со НАТО.
Ќе се справува и со сајбер-заканите, а особено внимание ќе посвети на сајбер-безбедноста на институциите, телата и агенциите на ЕУ.
Ќе се фокусира и на зајакнување на отпорноста на институциите кои имаат клучно влијание врз зачувувањето и развојот на вредностите на демократијата и владеењето на правото во ЕУ. Овој приоритет вклучува транспарентност на финансирањето на политичките партии, независност на медиумите и дијалог со граѓаните.
На меѓународно ниво, чешкото претседателство ќе го спроведе Европскиот акционен план за човекови права и демократија, користејќи релевантни инструменти, вклучително и потенцијални санкции.
Чешка ќе го преземе ротирачкото претседавање со Советот на ЕУ од Франција и ќе и го предаде на Шведска на крајот на годината.