Сите 16 лица кои се пресуда од Основниот кривичен суд во Скопје се осудени на затворски казни за „27 април“ за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, попладнево се обратија пред Апелација и побараа да се укине пресудата.

Еден од обвинетите кој со првостепената пресуда доби 8 години затвор е и Александар Василевски – Нинџа. Тој попладнево во обраќањето пред второстепениот суд накратко го прераскажа исказот што го даде во текот на судењето во Кривичниот суд.
Повтори дека од 2014 соработувал со УБК и за неговите активности се координирал со структурите од оваа управа, но ги негираше обвинувањата кои обвинителството му ги става на товар во врска со „крвавиот четврток“. Тој наскоро ќе биде и сведок во случајот познат како „организаторите на 27 април“.
Денеска зборуваше и бившиот директор на БЈБ, Митко Чавков, кој отфрли каква било вина во врска со непостапувањето на полицијата на критичкиот ден. Тој ја доби највисоката казна затвор – 18 години.
Дел од обвинетите кои биле дел од групата која, според обвинителството, го вршела насилството, пред апелациските судии рекоа дека се спремни да одговараат, но не за тероризам.
„Не викам дека не сум сторил кривично дело, сум сторил ама тоа не е тероризам“,
рече обвинетиот Влатко Трајковски, а во слична насока беа и обраќањата на Вилијам Михајловски и на Никола Митровски – Кољо.
Не беа заборавени ниту пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кои беа обвинети, но добија амнестија со законот кој го донесе Собранието во декември 2018.
„Само 40 минути бев во Собранието. Јас сум направил поголем грев со тоа што сум влегол и сум стоел на скалите, за разлика од тие што ги отворија вратите“,
рече обвинетиот Младен Додевски.
Пред обвинетите, на јавната седница во Апелација образложување на жалбите, укинувања на пресудата и враќање на предметот на повторно судење бараа и нивните адвокати. Тие реагираа дека во постапката пред првостепениот суд им биле повредени суштествените права на обвинетите, немало рамноправност на одбраната и обвинителството, не им се прифаќале доказите, а ја отфрлаа и квалификацијата на делото како терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Од страна на обвинителството, пак, пред второстепениот суд настапија двајца обвинители од Вишото обвинителство во Скопје, Валентина Стојановска и Диљавер Бектеши. Стојановска побара судот да ги потврди казните на осудените, а се согласи и со ослободителната пресуда за Игор Дурловски велејќи дека жалбата која ја поднело Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција е неоснована бидејќи не се докажала неговата вина.
Пресудата од Основниот кривичен суд за „27 април“ беше донесена на 15 март 2019. Беа досудени вкупно 211 години затвор за 16 обвинети и ослободителна пресуда за Игор Дурловски. Сите осудени се наоѓаат во притвор додека пресудата стане правосилна што ќе се случи откако Апелација ќе се произнесе за жалбите. Јавната седница за жалбите поради обемноста на предметот се одржуваше три дена поради обемноста на предметот.
Изрекувањето на пресудата од Основниот кривичен суд во овој предмет не го дочекаа 15 лица бидејќи беа опфатени со Законот за амнестија кој беше донесен во Собранието во декември 2018 години. Меѓу амнестираните имаше и петмина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и тројца од водачите на протестите „За заедничка Македонија“.