ДУИ ќе има петмина заменик-министри и петмина државни секретари
Од наредната недела треба да се комплетира владиниот кабинет со заменик-министри и државни секретари и да се договарат директорските позиции.
Вицепремиерот Артан Груби на денешната-прес-конференција рече дека до утре или задутре, кандидатската листа ќе биде заокружена. ДУИ ќе има свои заменици во Министерството за внатрешни работи, за правда, одбрана, здравство и за транспорт и врски.
Неофицијално, кандидат за заменик на шефот на полицијата е претседателот на Одборот на директори на „Македонски Телеком“, Назим Буши.
Досегашниот заменик-министер во МВР, кој беше и прв човек на полицијата во техничката влада, Агим Нухиу, е предлог на ДУИ за заменик-министер во Министерството за правда.
Беким Реџепи, поранашен член на Судскиот совет, треба да седне во заменичкото министерско столче во Министерство за транспорт и врски.
Илир Хасани, директор на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар, се очекува да биде предложен за заменик-министер за здравство.
Во министерството за одбрана, пак, треба да дојде заменик-директорот на Управата за финансиска полиција, Башким Хасани.
Вицепремиерот Груби не ги потврди имињата на заминиците-министри, ниту меѓупартиската поделба на директорските места.
Околу поделбата на директорските фотелја вели дека станува збор за замена на позициите меѓу СДСМ и ДУИ, со цел да има „освежување“ на некои сектори. Тој додаде дека очекува до идната недела целосно да биде формиран владиниот кабинет.