Според измените кои ги предложи германската влада, доселениците во иднина ќе можат да аплицираат за германски пасош по пет години постојано живеење и работење во земјата. Овој рок досега беше осум години. Доселениците кои се добро интегрирани во германското општество за државјанство, согласно измените, ќе можат да аплицираат и по три години престој
Сите македонски државјани кои живееја и работеа во Германија во изминатите децении мораа најпрво да се откажат од државјанството на својата матична земја за потоа да аплицираат за германско. Со новите измени тоа веќе не е услов
Германскиот парламент (Бундестаг) денеска ги усвои долго најавуваните измени на законот за државјанство со кои се скратува рокот во кој доселениците можат да аплицираат за германско државјанство, пренесува Дојче веле на македонски јазик.

Измените на законот, исто така, дозволуваат и двојно државјанство, што досега беше можно само за земјите од Европската Унија, Швајцарија и некои држави кои забрануваат откажување од матичното државјанство.
Ова значи дека и македонските државјани веќе нема да мора да се откажуваат од матичното државјанство за да се стекнат со германско.
Законот во Бундестагот денеска попладне е одобрен со мнозинство гласови на владејачката коалиција на Социјалдемократите, Либералите и Зелените.
„Се радувам што конечно добивме модерен закон за државјанство“,
ја пренесува Дојче веле изјавата на германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер.

Таа смета дека новото законско решение ќе ѝ овозможи на Германија подобро да им конкурира во привлекувањето работна сила на државите како САД и Канада. Таа ги навела медицинските сестри, докторите и услужниот персонал како дефицитарни професии и кон кои е насочен новиот закон со надеж дека ќе се привлечат повеќе доселеници.
Пратениците на опозициската ЦДУ/ЦСУ остро се спротивставиле на законските измени, оценувајќи дека кратењето на роковите за добивање државјанство ќе има лоши последици.
Според измените кои ги предложи германската влада, доселениците во иднина ќе можат да аплицираат за германски пасош по пет години постојано живеење и работење во земјата. Овој рок досега беше осум години. Доселениците кои се добро интегрирани во германското општество за државјанство, согласно измените, ќе можат да аплицираат и по три години престој.
Двојно државјанство
Со измените на законот сега се дозволува и двојно или повеќекратно државјанство, што досега беше можно само за државјани на Европската Унија, Швајцарија, како и на земјите кои забрануваат откажуавње од матичното државјанство, како Авганистан, Иран, Либан и Сирија.
Сите македонски државјани кои живееја и работеа во Германија во изминатите децении мораа најпрво да се откажат од државјанството на својата матична земја за потоа да аплицираат за германско. Со новите измени тоа веќе не е услов.

Како што пишува Дојче веле, во Германија заклучно со 2022 година, живееле близу 150 илјади македонски државјани.
Истото правило ќе важи и за државјаните на сите други земји надвор од Европската Унија.
Децата родени во Германија од родители со странско државјанство во иднина безусловно ќе добиваат германско државјанство доколку барем еден од родителите легално живеел во земјата повеќе од пет години. Во моментов тој рок е осум години. Во принцип, децата родени во Германија треба да добијат и германско и државјанство на нивните родители, и можат трајно да ги задржат и двете.
Услови
Сепак, за побрзото добивање државјанство во иднина, е предвидено исполнување на неколку услови.
Доселениците кои сакаат да добијат германски пасош ќе мора да достават доказ за добра интеграција и добри јазични вештини, односно познавање на германскиот јазик. Исто така ќе треба да докажат дека се способни да ги издржуваат своите семејства, Исклучок од ова правило се „гастарбајтерите“ кои пристигнале во Германија до 1974 година, како и доселениците со договори на дело од поранешна Источна Германија.
За да добијат пасош, доселениците ќе мора да се изјаснат дека ги почитуваат основните начела на Основниот закон (официјалниот назив на германскиот Устав), а државјанство нема да добијат лицата осудувани за дела поврзани со расизам, антисемитизам или ксенофобија.
Имено, како што пренесува РТС, во законот се наведува дека „антисемитските и расистичките дејствија, како и оние насочени против родовата или сексуалната ориентација, или други дејствија мотивирани од презир кон луѓето“ не се во согласност со уставно гарантираната заштита на човековото достоинство.
Според плановите на Владата, оваа декларација треба да се прошири во иднина. Заднина на ова се, меѓу другото, делумно и антисемитските протести на улиците на Германија по нападот на Хамас врз Израел. Така, во иднина, апликантите за германско државјанство би морале експлицитно да ја поддржат „специјалната историска одговорност на Германија за националсоцијалистичкото владеење (нацистичкиот режим) на неправдата и неговите последици, особено за заштитата на еврејскиот живот“. А поради рускиот напад на Украина ќе има посебно предупредување за „забрана за водење агресивна војна“. Неисполнувањето на овие барања ќе значи и неможност за добивање на германско држјанство.