Наспроти тврдењето на вицепремиерот Османи дека со воведување една изборна единица ДУИ би добила два пратеника повеќе, но Албанците би изгубиле 8-10 места во Собранието, симулацијата на изборните резултати од 2016 г. покажува нешто сосема друго – дека партиите на Албанците би освоиле еден мандат повеќе, а ДУИ би изгубила едно место во парламентот
Обидувајќи се да ја одбрани одлуката на ДУИ да поднесе околу 5.000 амандмани на предлог-измените на Изборниот законик со кои се предвидува воведување една изборна единица, вицепремиерот Бујар Османи понуди математичко објаснување што се покажува за сосема погрешно.

„Вистина е дека една изборна единица повеќе ѝ одговара на ДУИ. Симулацијата што ја има правено СДСМ е точна дека ДУИ добив два пратеника повеќе со една изборна единица отколку со шест изборни единици, меѓутоа истите симулации покажуваат дека вкупниот број на албански пратеници паѓа за осум до десет пратеника. Да, ДУИ добива како голема партија кај Албанците, но вкупниот број албански пратеници паѓа за осум до десет, бидејќи во една изборна единица Донтовата формула ги собира гласовите од помалите партии ги дава на поголемите и така паѓа вкупиот број албански пратеници“, изјави денеска Османи.
Зеќири: ДУИ губи, добиваат Албанците
Повеќемина, меѓу кои и пратеникот и потпретседател на СДСМ, Мухамед Зеќири, објавија постови на „Фејсбук“ во кои го негираат тврдењето на Османи.
„За да се уверат граѓаните дека преставниците на ДУИ по дебати ЛАЖАТ оти Албанците со една изборна единица би изгубиле дури 10 пратенички мандати, потребно е само да направат симулација на резултатите од 2016 г. Да беше тогаш Македонија една изборна единица, албанските партии ќе имаа 21 пратеник наместо 20, колку што имаат во моментов … Факт е дека ДУИ ќе имаше 9, а не 10 пратеници колку што има сега, додека трите опозициски албански партии наместо 10 ќе имаа 12 пратеници,“
напиша Зеќири на „Фејсбук“.
Донт го негира Османи
И, навистина, ако се направи пресметка според Донтовата формула за резултатите од изборите во декември 2016 година, под претпоставка дека целата држава би била една изборна единица, се гледа дека губат најголемите партии: ВМРО-ДПМНЕ би имала три пратеника помалку, СДСМ – два помалку и ДУИ би имала едно место помалку во парламентот. За сметка на тоа, по еден мандат плус би добиле БЕСА и ДПА, а во Собранието би влегле и коалицијата „ВМРО за Македонија“ со два пратеника и Третиот блок и Левица со по едно место.

Збирно кај партиите на Албанците, при една изборна единица тие би имале 21 мандат во Собранието наспроти 20 места, колку што имаат во овој момент.
Според актуелниот изборен модел за парламентарните избори, државата е поделена на 6 изборни единици (региони) и во секоја од нив се избираат по 20 пратеници со примена на т.н. Донтова формула.

Предлогот на помалите партии, кој го поддржува СДСМ, е да се укинат шесте региони и целата држава да биде една изборна единица во која би се избирале 120 пратеници, без изборен праг (во некои држави услов да се влезе во трката за распределба на мандатите во парламентот е да се освојат 3%, 5% или повеќе од бројот на оние што гласале на изборите). Воведувањето на една изборна единица, без праг, би им дало шанса на помалите партии да стигнат до пратенички места, со тоа што гласовите би се собрале во еден збир, наместо да се делат на шест места.
На пример, коалицијата „ВМРО за Македонија“ на изборите во 2016 г. освои 6.700 гласа во третата изборна едница, но тоа не беше доволно за пратеничко место. Симулацијата покажува дека оваа коалиција би освоила две места во Собранието во случај на една изборна единица со вкупно 24.367 гласа добиени во шесте изборни единици (целата држава).
Поднесувањето на околу 5.000 амандмани од ДУИ за предлог-измените на Изборниот законик го предизвика трпението кај премиерот Зоран Заев кој најави преиспитување на одржливоста на владината коалиција.