Бугарското Mинистерство за надворешни работи изрази загриженост за последните постапки на македонскиот претседател Стево Пендаровски. Во соопштението се посочува за постапки на одредени функционери кои изнесуваат негативни ставови во јавноста и кои се во спротивност со позитивната клима создадена од активните напори на владите на Бугарија и Северна Македонија.
„Неколку дена по успешната заедничка средба на владите на двете земји, повторно сме сведоци на зголемување на тензиите во јавноста предизвикани од конкретни постапки на претседателот на Северна Македонија, кој се обидува да ги обнови темите кои се во спротивност со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година. Ваквите дејствија не придонесуваат за изнаоѓање решенија за политички прашања во насока на забрзување на процесот на европска интеграција на Северна Македонија и на меѓусебна доверба“,
се вели во соопштението.
Ваквото соопштение на бугарското МНР следува по средбата на Пендаровски со претставници на ОМО „Илинден“ и на неколку други здруженија на граѓани од Република Бугарија.