„Ја реафирмирав својата длабока верба, посветеност и решеност за спроведување на реформската агенда во согласност со копенхагенските критериуми, со активно партнерство со ЕУ“, вели претседателката на државата
Билатерализацијата и преседаните се реална опасност за проширувањето на Европската Унија (ЕУ), укажала претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, на работниот ручек што вчера го имала со амбасадорите за земјите членки на Европската Унија во земјава.
На настанот, организиран од унгарскиот амбасадор Андраш Клајн, како што соопштија од кабинетот на претседателката, во пријателска атмосфера се дискутирало за актуелни домашни, регионални, европски и светски настани и процеси.
Акцентот, како што напиша Сиљановска-Давкова на својот фејсбук-профил, сепак бил ставен на македонските проблеми и препреки во евроинтеграцијата и на „потребата од креативно решение за надминување на бугарско-македонскиот спор во духот на пријателството и добрососедските односи, со почитување на фундаменталните вредности и принципи на ЕУ.
„Ја реафирмирав својата длабока верба, посветеност и решеност за спроведување на реформската агенда во согласност со копенхагенските критериуми, со активно партнерство со ЕУ. Укажав дека билатерализацијата и преседаните се реална опасност за проширувањето“,
вели Сиљановска-Давкова.
Според македонската претседателка, во амбиент на воени конфликти, проширувањето на ЕУ со државите од Западен Балкан, кои природно ѝ припаѓаат на Европа, во географска, историска и културна смисла и водат заедничка надворешна и безбедносна политика со ЕУ, е од заеднички интерес во насока на јакнење на имунитетот од заканите.