Бугарско-македонската трговско-индустриска комора апелира за надминување на политичката криза меѓу, како што се наведува, двете братски држави
Бугарско-македонската трговско-индустриска комора упати декларација до премиерите на Северна Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Стефан Јанев, во која се изразува загриженост од „негативното влијание врз деловната клима и трговските односи меѓу двете братски држави“ и се апелира за надминување на политичката криза и економско поврзување
Како што јави МИА од Софија, според Комората, во изминатите 50 месеци од потпишувањето на Договорот за пријателство и соработка, на 2 август 2018 година, „не е имплементирана ниту една од предложените мерките во белата книга и на тркалезната маса“.
„Бугарските и македонските граѓани и натаму плаќаат најскап роаминг во регионот, поминуваат низ двојна гранична и царинска контрола, не можат да користат даночни олеснувања при напуштање на соседна земја и нема ниту еден прекуграничен инфраструктурен проект„,
се наведува во декларацијата, како што пренесува МИА.
Според Комората, меѓу Бугарија и Северна Македонија не постои ниту транспортно, дигитално или инфраструктурно поврзување, а наместо тоа има конфронтација, административни бариери, непријателство и недостиг на перспективи за разбирање и соработка.
Во Декларацијата се повикуваат владите на двете земји да ја надминат политичката криза и да се заложат за економско поврзување, со цел „формирање на заеднички европски дом на Балканот, за бизнис без граници, за културно поврзување и разбирање“.