Радев изјави дека рестрикциите ќе ја зголемат вознемиреноста и чуството на криза меѓу луѓето веќе и онака загрижени заради недостигот на ресурси за борба против вирусот
Бугарскиот претседател Румен Радев денеска стави вето на дел од Законот за итни ситуации со кој владата на Борисов планира да го ограничи ширењето на коронавирусот, наведувајќи дека одделни решенија во него ќе донесат повеќе проблеми отколку некаква корист
Законот беше усвоен во петокот во бугарскиот парламент, кој минатата недела, исто така, прогласи и вонредна состојба во земјата до 13 април.
Радев изјави дека рестрикциите ќе ја зголемат вознемиреноста и чуството на криза меѓу луѓето веќе и онака загрижени заради недостигот на ресурси за борба против вирусот.
„Ниту една битка не е добиена со страв“, порача Радев, пренесуваат британските медиуми.
Тој забележа и дека со законот не е направено доволно за најранливите и нјајзагрозените.
„Недостигот на адекватни мерки ќе доведе до ситуација во која гладот ќе го надвладее стравот, а последиците ќе бидат уништувачки“, рече Радев.
Радев истакна дека го дели мислењето дека вооружените сили треба да му помогнат на општеството, но укажа на тоа дека им биле доверени исклучителни овластувања без консултации со врховниот командант.
Со вонредната состојба во Бугарија се затворени училиштата, баровите и рестораните, парковите и игралиштата, како и јавниот превоз.
За да го суспендираат ветото од претседаелот на државата, владата на Бојко Борисов и парламентарното мнозинство треба да обезбедат121 глас од вкупно 240 пратенички мандати во законодавниот дом.