Главчев, според соопштението од бугарската влада, ќе бара од Европскиот совет да ги потврди заклучоците за Северна Македонија од декември лани и од 18 јули 2022 година и да ја повика земјава да ги преземе чекорите наведени во нив за напредок на патот кон европската интеграција
Најавата за позицијата на Софија што премиерот Главчев планира да ја презентира на самитот во Брисел денеска и утре, доаѓа по размената на ставови меѓу новата македонска влада на чело со премиерот Христијан Мицкоски и дел од раковoдството и главните политички актери во Бугарија околу Преговарачката рамка и како понатаму на патот на земјава кон ЕУ
Премиерот на службената влада на Бугарија, Димитар Главчев, ќе бара во заклучоците од дводневниот самит на лидерите на Европската Унија да биде вклучен и текст за Република Северна Македонија.

Најавата за ваквото барање на Софија е објавена утрово во соопштение на веб-страницата на бугарската влада.
Во него се наведува дека Главчев за време на дискусијата ќе бара од Европскиот совет да ги потврди заклучоците за Северна Македонија од декември лани и од 18 јули 2022 година и да ја повика земјава да ги преземе чекорите наведени во нив за напредок на патот кон европската интеграција.
„Бугарија ќе инсистира Европскиот совет при усвојувањето на заклучоците од состанокот да вклучи и текст за Република Северна Македонија.
Премиерот Димитар Главчев денеска и утре ќе престојува во Брисел, каде за време на дискусијата на темата ќе побара од Европскиот совет да ги потврди заклучоците од 14 декември 2023 година, како и заклучоците на Советот за Северна Македонија и Албанија од 18 јули 2022 година и да ја повикаат Северна Македонија да ги преземе чекорите наведени таму за да постигне напредок на нејзиниот пат кон европската интеграција.
Според бугарскиот премиер, важно е да се истакне дека имплементацијата на сите заложби, како и напредокот на сите реформи поврзани со ЕУ, остануваат клучни“,
пишува во соопштението на бугарската влада.
За потсетување, заклучоците од 14 декември лани, чија потврда ќе бара Главчев во Брисел, се од Самитот ЕУ –Западен Балкан. Во декларацијата која тогаш беше усвоена од лидерите на Унијата, во консултација со лидерите на шесте земји од Западен Балкан, меѓу другото, пишува и дека ЕУ ја нагласува потребата од спроведувањето на Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.
„Спроведувањето на билатералните договори, меѓу кои Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, останува значајно да се спроведат со добра волја и видливи резултати. Сѐ уште се неопходни одлучни дополнителни напори за да се поттикнат помирувањето и регионалната стабилност, а исто така и да се пронајдат и да се спроведат конечни, инклузивни и обврзувачки решенија во однос на регионалните и билатералните спорови и прашања меѓу партнерите, вкоренети во наследството од минатото – во согласност со меѓународното право и воспоставените принципи…“,
беше наведено во овој дел од Декларацијата.
Овој заклучок дојде по оние што Советот на ЕУ ги усвои на 18 јули 2022, еден ден пред одржувањето на првата Меѓувладина конференција. На неа беше усвоена Преговарачката рамка за членство на земјава во ЕУ со што започна процесот на скрининг, а одржувањето на втората Меѓувладина конференција по која треба да почне процесот на отворање кластери и пoглавја беше условено со измени на Уставот што треба да ги направи земјава за вклучување на Бугарите во Преамбулата.

Инаку, најавата за позицијата на Софија што премиерот Главчев планира да ја пренесе на самитот во Брисел денеска и утре, доаѓа по размената на ставови меѓу новата македонска влада на чело со премиерот Христијан Мицкоски и дел од раковдството и главните политички актери во Бугарија околу Преговарачката рамка и како понатаму на патот на земјава кон ЕУ.
Бугарскиот претседател Румен Радев и лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, чија партија освои најмногу гласови на последните парламентарни избори во соседната земја, реагираат на изјавата на Мицкоски дека е можна промена на Преговарачката рамка и оти за тоа ќе се обиде да најде решение со новата влада во Бугарија.
Коментирајќи ја изјавата на Мицкоски, Радев оцени дека „оваа политика е насочена директно против европските принципи и одлуки донесени со консензус од сите земји членки на ЕУ, против меѓународните обврски преземени од РСМ и против сопствените граѓани, кои јасно се изјаснија за поддршка на европскиот развој на земјата“.
„Денес конечно паднаа маските. Новата влада кај нашиот југозападен сосед јасно покажа дека најголемиот страв на политичката класа во оваа држава е да го препознае самото постоење на зборовите ‘Бугарин’ и ‘бугарско’ во Република Северна Македонија“,
изјави Радев.
Во овој контекст, бугарскиот претседател рече дека очекува итни и конкретни дејствија и од владата во Бугарија и од европските институции за почитување на европските принципи и норми во процесот на проширување.
Борисов, од своја страна, рече дека доколку успее да формира влада, ќе иницира средба со Мицкоски, но нагласи дека договорите, особено меѓународните и оние што се дел од Преговарачката рамка мора да се почитуваат.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера коментирајќи ги изјавите на Радев и Борисов порача дека е подготвен да седне на иста маса нив и со факти и аргументи да разговара за иднината, но оцени дека добрососедство не е ако нема меѓусебна почит и ако едната страна е понижена, а другата ликува.
„Мојата порака е дека поминаа времињата кога овде кај нас имаше политичари кои беа сервилни, коишто виткаа кичма, коишто коленичеа, потпишува сè и сешто што им беше ставено на маса. Од друга страна, во името на европското знаме го ограбуваа народот, ја засрамуваа и понижуваа својата татковина“,
рече Мицкоски.
Инаку, главни теми на дводневниот самит на Европската Унија што почнува попладнево во Брисел ќе бидат изборот на носителите на водечките раководни позиции во ЕУ, Стратешката агенда 2024–2029 година, состојбите во Украина и на Блискиот Исток, безбедноста и одбраната, конкурентноста, миграцијата, хибридните напади и прашања од надворешната политика.