Тој потенцира дека доколку мешовитата комисија не продолжи со работа и доколку „продолжи фалсификувањето на историјата“, меѓувладината конференција за старт на преговорите на земјава со ЕУ ќе биде одложена сè додека не биде постигнат напредок
Ние не сакаме да им го одземеме Гоце Делчев од Македонците, затоа што и ние и тие сме наследници на истите луѓе кои во минатото не се делеле, изјави бугарскиот европратеникот Андреј Ковачев, кој е дел од владејачката партија ГЕРБ на премиерот Бојко Борисов
„Денеска се навршуваат 117 години од смртта на Гоце Делчев. Личноста на големиот револуционер не треба да ги дели, туку да ги обединува Бугарија и Република Северна Македонија. За жал, толкувањето на модерната реалност е основа на апсолутно фалсификување на историјата“,
изјави Ковачев за БГНЕС.
Тој смета дека „од исклучителна важност е актуелните генерации во Македонија да не продолжат да се едуцираат во лага, која создава омраза и поделба“, но во исто време истакнува и дека „никој не сака на современото население во Македонија да му наметнува како ќе се нарекува“.
Според Ковачев, во основа на спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија не е современата реалност, туку толкувањето на историјата, па затоа заедничката македонско-бугарска комисија своите заклучоци треба да ги базира на факти и историски извори, а не на толкувања на одделни историчари.
Тој потенцира дека доколку мешовитата комисија не продолжи со работа и доколку „продолжи фалсификувањето на историјата“, меѓувладината конференција за старт на преговорите на земјава со ЕУ ќе биде одложена сè додека не биде постигнат напредок.
„Како што рече (бугарскиот) премиер Бојко Борисов – топката е во нивно поле. Жал ми е што нашите соседи се прават дека не го слушаат и не го почитуваат договорот што го склучивме“,
додава Ковачев.