Македонските сопственици на фирмата ги демантираат наводите во бугарските медиуми, а едниот од нив, кој е директор и на скопската депонија, тврди дека фирмата од Бугарија никогаш не соработувала со „Дрисла“
Во Бугарија отворена е истрага за увоз на сомнителен отпад од Италија од страна на компанијата „Блацион“ ООД, во чија сопственичка структура се двајца македонски државјани Блаже Игнатов и Горан Ангелов. Станува збор за нерегуларен увоз на 25 контејнери со отпад на пристаништето во Бургас.
Оваа вест денеска осамна во бугарските медиуми, а двајцата Македонци, пак, демантираат дека станува збор за сомнителен отпад. Еден од нив, Горан Ангелов е директор и на депонијата „Дрисла“ во Скопје.



Според бугарските медиуми, отпадот е транспортиран со брод на 5 септември минатата година и му е определен режим на времено складирање во рок од 90 денови. Бугарското обвинителство соопшти дека содржината на отпадот се разликува од она што е декларирано на царинскиот документ.
Испраќач на отпадот е италијанската компании „Дентиче Пантелоне“, што е основана во 1984 година и е специјализирана за рециклирање и повторна употреба на отпад, депонирање на тврд индустриски отпад и преработка на пластмаса.

Според сториите во бугарските медиумите, откако од фирмата која го увезувала отпадот не реагирале на предупредувањето на Царинската управа во дадениот рок, обвинителството започнало истрага.
Управител на „Блацион“ ООД е Игнатов, Ангелов му е содружник, а како сопственици на компанијата се јавуваат и Италијанците Винченцо Трасари и Ецио Боче. Двајцата Македонци, преку изјави за државната новинска агенција МИА, излегоа со спротивни изјави од она што го објавуваат бугарските медиуми.
Игнатов објаснува дека отпадот од пристаништето во Бургас требало да биде пренесен во Термоцентралата „Бобов дол“, но откако пристигнал отпадот, на бугарската ТЕЦ и истекла лиценцата за горење на отпад. Тој нагласува дека станува збор за пластика и гуми и оти тоа што е пронајдено – текстил, дрво, стакло, како што посочија од бугарското Обвинителство, е дозволено. Игнатов тврди дека тоа ќе го докажат и експертите откако ќе го испитаат отпадот.

Содружникот Ангелов, пак, вели дека не е вистина тоа што го пишуваат тамошните медиуми и оти отпадот, доколку добие дозвола, ќе се пренесе во ТЕЦ „Бобов дол“ или ќе се врати повторно во Италија.

Тој е директор на депонијата „Дрисла“, но тврди дека компанијата „Блацион“ ДОО која во Бугарија увезува отпад од Италија, никогаш нема остварено соработка со скопската депонија.
Игнатов истакнува дека во земјава никогаш не бил увезен каков било отпад, бидејќи нема дозволи за тоа и дека тоа го работеле само во соседна Бугарија.