Шефицата на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева, која заедно со шведската министерка Маргот Валстром, беше ко-организаторка на Работниот појадок организиран од групата „Пријатели на Македонија“, во интервју за „360 Степени“ вели дека Македонија има шанси во 2018-та да ги почне пристапните преговори. А токму Бугарија од јануари го презема претседавањето со Унијата.
– Не се споменуваат само Србија и Црна Гора, гледате дека првпат по толку години Балканот е приоритет на европската служба за надворешна политика. Претседателот Јункер зборува за проширување и минатата седмица за време на средбата на бугарската влада со Комисијата, Јункер повторно кажа дека е возможно до 2025 година Србија и Црна Гора да станат членки. Но, тоа е исклучително позитивен развој, зашто кога се отвора Европската комисија, кога се вели дека проширувањето не е привид, независно за која држава се работи, тоа е голема шанса и за вас и за Албанија и за другите две држави кои се уште немаат статус на земји-кандидатки, Косово и БиХ, навистина да напредувате брзо. Знаете дека ние помагаме колку што можеме. Сега го организиравме овој појадок. Имаа можност вашите министри да ги запознаат сите министри и Комисијата со плановите за реформи. Ги охрабривме и кажавме, пративме многу јасен сигнал, дека имаат целосна поддршка да ги спроведат реформите и да ја направат Македонија современа европска држава.
Што е приоритетно?
– Што е приоритетно ли? Имаат многу важен план за реформи – реформата на правосудниот систем, реформата во службите, економската реформа што ја планираат, добрите меѓусоседски односи… Затоа што треба да ја оставиме историјата во минатото, на историчарите, и да гледаме заедно напред во иднината. Да ги зближиме луѓето. Да знаете дека првпат во 18 години, ако не се лажам, ќе имаме средба меѓу двете влади. Знаете дека во Трст се одобрија најмногу пари за врските меѓу соседите на Македонија – коридор 8, потпишавме договори за соработка во енергетиката меѓу двете министерства. Има многу што да работиме и се радувам дека се движиме во вистинскиот правец, но има уште многу пат да изодиме. Убедена сум дека ако владата го запази планот за реформи, кој е многу амбициозен и правилен, догодина вие ќе имате шанса да добиете и да започнете преговори.
Напишете коментар