Американското Федерално истражно биро (ФБИ) ја стави Ружа Игнатова, коосновачка на лажната крипотовалута OneCoin, обвинета за измама на лековерни инвеститори ширум светот тешка неколку милијарди долари, на листата на десет најбарани бегалци од законот на Федералното истражно биро на САД. Оние што ќе помогнат да се најде ќе добијат награда од 100 000 долари, пренесува Дојче Веле.
„Се бара поради учество во изманичка шема од огромни размари која вклучува и криптовалути“, наведуваат американските правосудни власти.
Ружа Игнатова е родена во Бугарија, но заминала да студира, а потоа и докторирала право во Германија, каде се стекнала со германско државјанство.
Во 2014 година ја основа крипто компанијата OneCoin, а во неа инвеститорите вложиле над 4 милијарди евра.
Таа вешто манипулирала дека целта е OneCoin да го замени биткоинот како водечка светска виртуелна валута, но за разлика од останатите дигитални валути, нејзината не била поддржана од никаква јавна, сигурна и децентрализирана блокчеин технологија.
Иако лажната крипотивалута немала никаква вистинска вредност и со неа не можело ништо да се купува, во овој бизнис за само две години поверувале преку три милиони луѓе. Според американските власти, се работи за еден од најголемите пирамидални системи во историјата, а Игнатова била мозокот на целата измама. Се наликувало на маркетиншка мрежа на повеќе нивоа, каде почетните инвеститори регрутираат нови и заработката ја наплаќаат од средствата што ги издвојуваат подоцнежните вложувачи во ланецот. Тие на крајот, губат се.
Игнатова е исчезната од 2017 г. Од Софија во Атина отпатувала на 25 октомври истата година, кога начула дека американски истражители почнале да се интересираат за OneCoin. Од тогаш и се губи секаква трага.
Се претпоставува дека со „богатство“ во вредност од 5 милијарди долари таа живее на јахта во Средоземното море. Со оглед дека е доктор на правни науки, Игнатова добро знае дека ако се плови на дванаесет наутички милји од брегот, ниту една земја нема јурисдикција да апси. Исто така, се верува дека измамничката претрпела и неколку естетски операции.