Во Софија се одржа прв состанок на заедничката меѓувладина комисија, тело кое произлезе од Договорот за добрососедство меѓу двете земји. „360 Степени“ го праша шефот на дипломатијата Никола Димитров – дали е оптимист дека в четврток во Берлин ќе ја убедат канцеларката Меркел за одлука летово. Од видето и одговорот на Димитров на прашање на бугарска новинарка – зошто земјава не прифаќа дека Гоце Делчев бил Бугарин.
Шефот на дипломатијата верува дека средбата на премиерот Зоран Заев со германската канцеларка Ангела Меркел може да донесе добри вести за земјава. Освен дека Македонија ги исполни барањата што самата Европска Унија ги постави минатиот јуни, аргументот што се користи е и кредибилитетот на самата ЕУ, за што во Софија зборуваше и шефицата на бугарската дипломатија Захариева во чие претседавање со советот на ЕУ лани беше договорено дека земјава ќе добие датум овој јуни.
Европската перспектива на Македонија беше еден аспект од првиот состанок на меѓувладината комисија меѓу Македонија и Бугарија – тело кое треба да го надгледува спроведувањето на Договорот за добрососедтсво. Беше потпишан протокол во кој се нотира дека има напредок во економијата, трговијата, туризмот, дури и во делот на историјата, што се смета за најчувствителен сегмент. Едно од новинарските прашања до Димитров беше – зошто владата во Скопје не го признава Гоце Делчев како Бугарин. Прашањето е продолжение на реакцијата на бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов, кој изјави дека ако заедничката историска комисија треба да легитимира некаква компилација од измислици, бугарската делегација мора да стане од масата со сите можни последици за интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ и НАТО.
Иако одговорот на Захариева е само помека варијанта на изјавата на вицепремиерот Каракачанов, Захариева уверуваше дека Бугарија останува силен поддржувач на македонските евроатлантски интеграции и дека двете земји треба да сторат се за навистина да бидат најблиски соседи.. Во тоа треба да помогне коридорот 8, проект оценет како клучен од двете страни, чие развивање со децении е само на хартија..