Во изјавата се наведуваат услови под кои Бугарија би се согласила со усвојување на Преговарачката рамка за Северна Македонија
Изјавата е вложена еден ден по изборот на новата влада на премиерот Кирил Петков, кој најавува „конструктивно надградување“ на позицијата кон Северна Македонија, па нејасно е дали документот е составен и доставен по инерција од претходната службена влада или тоа се ставови зад кои целосно стои и новата извршна власт во Софија
Бугарија вложила изјава во врска со усвојувањето на заклучоците на последниот состанок на Советот за општи работи на Европската Унија што се однесуваат на процесот на проширување, дознава „360 степени“ од дипломатски извори што беше потврдено и од владини извори. Во изјавата, слична на онаа прикачена кон заклучоците на Советот во март 2020 година, Бугарија наведува услови под кои би се согласила со усвојување на Преговарачката рамка за Северна Македонија што, пак, е предуслов за закажување на прва меѓувладина конференција.
Изјавата е вложена еден ден по изборот на новата влада на премиерот Кирил Петков, кој најавува „конструктивно надградување“ на позицијата кон Северна Македонија, па нејасно е дали документот е составен и достапен по инерција од претходната службена влада или тоа се ставови зад кои целосно стои и новата извршна власт во Софија.
Во изјавата, Северна Македонија се обвинува за сериозно блокирање на најголем дел од одредбите од Договорот за добрососедство и за дискримација и заплашување на лицата со бугарска самосвест.
Меѓу другото, Бугарија објаснува дека делот од заклучоците на Советот за општи работи во кој се вели дека „со нетрпение се очекува одржување на првата меѓувладина конференција со Република Северна Македонија што е можно побрзо по усвојувањето на Преговарачката рамка“ не значи дека одобрување на Рамката по автоматизам ќе води до одржување на прва меѓувладина конференција.

Понатаму, во документот доставен кон заклучоците од Советот, се наведуваат и услови под кои Бугарија би се согласила со усвојување на Преговарачката рамка за Северна Македонија. Меѓу другото, се инсистира на вклучување т.н. opening benchmarks (мерила за отворање) кон првиот кластер (во форма на патоказ), како и на т.н. interim и closing benchmarks за следење на спроведувањето на патоказот.
Во изјавата се повторува и ставот за именувањето на македонскиот јазик, со инсистирање на користење на формулата од билатералните документи – „македонски јазик согласно Уставот на РСМ“.
Меѓу прашањата наведени како услов за Бугарија да се согласи со усвојување на Преговарачката рамка се и испраќање нота до Обединетите Нации со објаснување дека краткото име Северна Македонија се однесува на политичкиот ентитет Република Северна Македонија (а не и на поширокиот географски регион), како и опипливи резултати од спроведување на Договорот за добрососедство.
За Албанија, се наведува во изјавата, Бугарија е подготвена да даде согласност за Преговарачката рамка и за одржување на првата меѓувладина конференција.
Едностраната изјава на Бугарија кон заклучоците од Советот на ЕУ доаѓа во период кога новата влада, а пред се новиот премиер Кирил Петков, најавуваат поинаков тон во односот на Софија кон Скопје, со формирање работни групи кои би расправале на теми од инфраструктурата, економијата, културата…