ГЕРБ на Борисов, според анкетите е во водство. Трета политичка сила во Бугарија по овие избори може да стане новата опозициска група „Има таков народ“ предводена од шоуменот
Бугарија утре ќе ги одржи првите парламентарни избори во време на пандемијата. За 240 места во бугарскиот парламент се борат 6 895 кандидати од 30 партии и коалиции.
Анкетите и предвидувањата се дека владејачката ГЕРБ на премиерот Бојко Борисов и во новиот состав ќе биде најбројната партија во парламентот, меѓутоа аналитичарите предвидуваат дека стравот од ковид-19, пред сè кај повозрасните гласачи, може да влијае на одлуката дали да се излезе на гласање или не, што, пак, би можело да ги помати сметките.
Како што пренесува дописникот на МИА од Софија, предвидувањата на аналитичарите се дека ако околу 45% од гласачите утре излезат на гласање, тоа ќе им помогне на ГЕРБ и нејзините потенцијални партнери да останат на власт, но ако излезноста надмине 51%, можно е опозицијата да се обиде да формира нова влада.
Последните испитувања на јавното мислење покажуваа солидна предност на партијата на Борисов пред опозициската БСП предводена од Корнелија Нинова односно рејтингот на ГЕРБ се движи од 27-28%, а на БСП од 19-20%.
Трета политичка сила во Бугарија по овие избори може да стане новата опозициска група „Има таков народ“ предводена од шоуменот Слави Трифунов, за која анкетите покажуваат дека би можела да земе 12,5% од гласовите, со што би го престигнала Движењето за права и слободи.
Помеѓу партиите кои се очекува да влезат во парламентот се и Демократска Бугарија на поранешниот министер за правда Христо Иванов, со околу 6,5% од гласовите, „Исправи се, и кажи“ на поранешната народна правобранителка Маја Манолова со 6,3%. ВМРО-БНД на вицепремиерот и министер за одбрана, Красимир Каракачанов, пак, како што пренесува дописникот на МИА, би можела да освои од 4-4,4% од гласовите.
Изборниот праг за влез во парламентот е 4%.