Реакцијата следува откако македонското Министерство за транспорт ја обвини бугарската страна за искривување на фактите во врска со изградбата на Коридорот број 8, пренесе БГНЕС
На 15 јануари 2025 година, Република Бугарија ѝ предложи на Република Северна Македонија нацрт-меѓувладин договор за подготовка и изградба на прекуграничен железнички тунел што ќе ја поврзува железничката мрежа на двете земји. Ова е единственото отворено прашање меѓу двете земји во областа на железничкиот транспорт, кое, сепак, не е само од билатерално значење, туку претставува и важен елемент на колективната безбедносна архитектура на НАТО и поврзаноста меѓу земјите членки на ЕУ, информираат од бугарското Министерство за транспорт и врски во врска со Коридорот 8.

Реакцијата следува откако македонското Министерство за транспорт ја обвини бугарската страна за искривување на фактите во врска со изградбата на Коридорот број 8, пренесе БГНЕС.
Во реакцијата се додава дека Бугарија е подготвена веднаш да го потпише Договорот и да започне итни активности за изградба на објектот на тунелот. Доколку Скопје има забелешки на предложениот текст, Бугарија е подготвена да разговара за нивно надминување, наведуваат од бугарското министерство.
„Повеќе од три месеци нема одговор од Република Северна Македонија на Нацрт-спогодбата. Постои периодично инсистирање на состаноци без јасна цел и конкретни прашања за дискусија. Неподготвеноста на Македонија да даде коментари за предложениот Нацрт или да ја потврди својата подготвеност да го потпише текстот во неговата сегашна форма ја загрозува навремената изградба на исклучително важниот за колективната безбедност на НАТО и ЕУ транспортен Коридор 8. Додека чека одговор од Скопје и го мобилизира вниманието на своите партнери од НАТО и ЕУ кон овој проблем, Република Бугарија ќе продолжи да ги гради и модернизира делниците од Коридорот 8 на своја територија, во кои веќе инвестираше над 4 милијарди лева“,
велат од бугарското Министерство за транспорт и врски.
Откако вчера бугарските медиуми објавија дека Бугарија е целосно подготвена да потпише договор со Северна Македонија и да започне изградба на прекуграничен железнички тунел долж Коридорот 8, денес македонското Министерство за транспорт ја обвини бугарската страна за искривување на фактите во врска со изградбата на Коридорот број 8, објави бугарската агнеција БГНЕС.
Реакцијата дојде по изјавата бугарскиот министер за транспорт Гроздан Караџов, дека Коридорот 8 зависи од желбата и политичката волја на Република Северна Македонија.
„Република Бугарија повторно ги искривува фактите. По повеќе барања и обиди од наша страна да организираме заеднички состанок на работните групи, нема официјален одговор од Република Бугарија за организирање средба и постигнување договор за реализација на овој важен европски коридор. Исто така, веќе планираната средба меѓу директорите на двете железнички компании беше откажана од директорот на Бугарски железници“,
се вели во ставот на македонското Министерството за транспорт испратен до весникот „Независен“ како одговор на прашањето како оди постапката за договорот со Бугарија за изградба на тунелот и, воопшто, целиот железнички проект што треба да ги поврзе двете соседни земји, пренесува БГНЕС.
Властите во Скопје изразуваат загриженост поради информациите дека поради недостиг на пари Бугарија нема да ја финансира реконструкцијата на пругата Софија – Радомир – Перник, како дел од Коридорот 8.
„Очекуваме Република Бугарија конечно да заземе став и да одговори на барањата на Владата и Министерството за транспорт за организирање состанок на работните групи и организирање на процесот за реализација на овој регионален проект“,
се вели во соопштението на македонското Министерство.
Владата во Скопје тврди дека Северна Македонија е единствената од трите земји долж Коридорот 8 што работи на железничката делница, додава БГНЕС.