Бугарскиот претседател, Румен Радев стави вето врз измените на Изборниот законик, бидејќи, според него, тие даваат можност за фаворизирање на владејачката партија на претстојните избори, јави БГНЕС.
„Сите измени во Изборниот законик имаат јасна цел да гарантираат официјална победа на владејачката партија на претстојните избори, нанесувајќи уште еден удар врз правната структура на нашата земја. Тие отстапуваат од јасните законски одредби и создаваат предуслови за сомнежи во правичноста на изборите и за нивно оспорување“,
рече попладнево претседателот Радев во обраќањето до нацијата.
Тој го критикуваше гласањето со гласачки ливчиња, паралелно со електронското, бидејќи посочи дека законот експлицитно вели дека гласањето мора да биде машинско.
„Ова го прави електронското гласање бесмислено“,
рече шефот на бугарската држава.
Според него, овие одлуки тешко можат да се објаснат со нешто друго освен со желбата да се отворат доволно можности за хаос и изборна манипулација во корист на оние што се на власт.
Укинувањето на законската забрана за решавање на прашања од надлежност на Врховното национално собрание преку национален референдум неоправдано меша две уставно утврдени форми на граѓанско учество во државната власт, критикуваше Радев. Ваквото проширување на директната демократија тој го нарече палијативно бидејќи повеќе не им дава можност на граѓаните да решаваат важни прашања.
Трите месеци протести на кои се бараше оставка, рече Радев, се доказ за длабока криза во демократијата.
„Анкетите ја регистрираат урнисанатата доверба на јавноста во владата. Изборите се основа на секоја демократија и како ќе се движиме напред зависи од нивната искреност и транспарентност“,
посочи бугарскиот претседател.
Одбивањето на владата да го слушне гласот на народот ја продолжува агонијата, предупреди шефот на државата. На крајот, тој рече дека во оваа ситуација, кабинетот не владее, но се обидува да избегне политичка и правна одговорност за бројните скандали што ги одбележаа последните години.
Во Софија и други поголеми градови во земјата, во последните три месеци секојдневно се одржуваат протести против корупција и во нив учествуваат луѓе од различни сфери и политички определби, кои бараат „живот според европските стандарди“.
Тие почнаа откако главниот обвинител Иван Гешев нареди претрес на кабинетот на претседателот Румен Радев и апсење на двајца негови соработници.
На власт речиси една деценија е десноцентристичкиот премиер Бојко Борисов, чиј мандат истекува во март следната година. Тој одби да поднесе оставка со изговор дека е загрижен за стабилноста на земјата во контекст на здравствената криза предизвикана од пандемијата на коронавирусот.