Координаторот на пратеничката група на „Продолжуваме со промените“, Андреј Ѓуров утрово за БТВ изјави дека во оваа фаза нема промена на ситуацијата и дека разговорите продолжуваат
Бугарскиот претседател Румен Радев денеска во 17 часот ќе го прими кандидатот за премиер, предложен од најголемата пратеничка група во Народното собрание, Асен Василев кому според уставната процедура, му го даде мандатот за формирање влада во рамките на сегашниот парламент.
Во средата навечер „Продолжуваме со променните“, БСП, „Демократска Бугарија“ и независните ја финализираа програмата за управување за следните 6 месеци, а следниот ден Националниот совет на БСП ја одобри.
Но, кандидатот за премиер Асен Василев тогаш рече дека се уште нема поддршка од 121 народен пратеник. Тој најави дека во составот на евентуалниот кабинет е присутен и актуелниот премиер во оставка Кирил Петков, но сепак, имињата на министрите не се познати.
Во оваа фаза сите партии негираат дека се зборувало за составот и структурата на Советот на министри.
Ден пред да оди кај претседателот, вчера Василев повторно потврди дека доколку во парламентот нема 121 глас, нема да предложи влада.
Координаторот на пратеничката група на „Продолжуваме со промените“, Андреј Ѓуров утрово за БТВ изјави дека во оваа фаза нема промена на ситуацијата.
„Сè уште продолжуваме да зборуваме. Го поздравуваме секој што сака да ја поддржи владата да разговара со нас“,
рече тој.
Лидерката на БСП, Корнелија Нинова, од своја страна изјави дека доколку првиот мандат не се случи, а третиот им биде врачен од претседателот, левицата ќе вложи максимални напори да спроведе преговори за формирање влада.
Од ГЕРБ веќе најавија дека доколку ним им биде даден мандатот, веднаш ќе го вратат.