Таа рече дека Бугарија инсистира во преговарачката рамка да бидат поставени три основни услови, но тоа досега не е направено
Бугарија ја поддржа преговарачката рамка за членство на Албанија во ЕУ, но не и онаа на Северна Македонија, соопшти попладнево на брифинг бугарската министерката за надворешни работи Екатерина Захариева, пренесе БТВ.
Одлуката ќе ја претстават, како што рече, на средбата на европските министри, која ќе се одржи онлајн.

„Ја изразив позицијата на Бугарија дека ние можеме да ја одобриме преговарачката рамка со Албанија бидејќи сме уверени дека ги исполниле поголемиот дел од условите што им беа поставени во март“,
изјави Захариева.
Во оваа етапа, според неа, Бугарија не може да ја поддржи преговарачката рамка за С Македонија.
„Предлогот за одобрување не ги изразува бугарските барања и затоа не може да биде поддржан во моменталната форма“,
рече Захариева додавајќи дека позицијата на нејзината земја е базирана на рамковната позиција од парламентот.
„Ние инсистиравме во преговарачката рамка да бидат поставени три основни услови. Првиот е придржување до формулата за јазикот од 1999 година, временска рамка за имплементација на Договорот од 2017 и многу јасна определба дека нема да се поддржуваат претензиите за македонско малцинство во Бугарија. Овие услови сѐ уште не се вклучени“,
објасни Захариева.
Таа истакна дека Бугарија е отворена да ги продолжи разговорите за наоѓање решение преку преговори во кои ќе постои желба и компромис од обете страни.
Земјите членки попладнево треба да дебатираат за Северна Македонија и за Албанија, но на денешниот состанок не се очекува да биде донесена одлука за усвојување на преговарачката рамка.