Бевме сведоци на мртва трка, во која во фотофинишот победија СДСМ и коалицијата „Можеме“. Ценам дека Заев како иден мандатар ќе направи повторно коалиција со ДУИ и ДПА, вели Бучковски.
Според последната симулација на ДИК за распоредот на освоените пратенички мандати, СДСМ има 46 пратеника, ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15, Алијанса за Албанците и Алтернатива 12, Левица 2 и ДПА 1 пратеник. Овој распоред не се совпаѓа со пресметката на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој прогласи „убедлива и стабилна победа, со над три мандати предност пред ВМРО-ДПМНЕ“, а како што рече „и со можност за еден или два уште повеќе“. Но, симулацијата ги надмина и прогнозите на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој синоќа објави победа со 12 мандати, се вели во анализата на Дојче веле.
„Орелот се врати. Оваа победа на ДУИ е победа на Албанците и со таа победа нема да изгуби ниту еден Албанец. Ние се докажавме дека сме најуспешните во сите сфери и така ќе биде и понатаму. Албанците нема да бидат разочарани од нас. Ние обезбедивме над 100 илјади гласови, 12 мандати, а се очекува уште еден, 13-ти. Благодарен сум што имав можност да ја соопштам оваа најдобра вест за Албанците и за апсолутна победа“,
рече Ахмети.
Во првата симулација на ДИК по пребројани резултати од 95% од гласачките места, ДУИ имаше 16 пратеници, но по пребројаните 99 отсто гласовите таа остана со еден пратенички мандат помалку (15), а Левица од еден доби два. Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, синоќа рече дека треба да се почекаат комплетните резултати, потенцирајќи дека Донтовиот модел ја прави трката сѐ уште доста неизвесна. Поради тесните резултати и аналитичарите синоќа не беа во можност да ја проектираат распределбата на мандати по изборни единици. Од денеска на оваа тема ќе се кршат копјата, а во контекст на составувањето мнозинство за нова влада, трка, во која според Јанушев од денеска влегува и ВМРО-ДПМНЕ. Во партиските штабови внимателно се анализираат изборните резултати кои вчера со тешкотии стигнуваа до јавноста, поради тоа што беше хакирана интернет-страницата на ДИК.
„Јасно е кој е победникот“,
вели поранешниот премиер Владо Бучковски.
„Бевме сведоци на мртва трка, во која во фотофинишот победија СДСМ и коалицијата ‘Можеме’. Ценам дека Заев како иден мандатар ќе направи повторно коалиција со ДУИ и ДПА. Не очекувам уцени од ДУИ, Насер Зибери да биде идниот премиер. Објективно, Заев и Ахмети во кампањата се одалечија еден од друг, но изборниот резултат повторно ќе ги зближи! Дамка на вчерашните фер и демократски избори фрли Мицкоски, со тоа што за првпат во нашата 30-годишна историја на повеќепартиски избори, не даде изјава како лидер на опозицијата по објавувањето на првичните резултати од ДИК, и не го призна поразот. Ова ме наведува на заклучок дека денес ќе има изјава во која ќе ги спори изборните резултати и ќе бара прегласување на повеќе десетици избирачки места!“,
вели Бучковски за Дојче веле.