Мора да се најде некаков концепт, да се направи анализа во што лежи проблемот за целата оваа недоверба, вклучително и на корупцијата и да кажеме – добро, ова сме го утврдиле, овие кадри не може да ни ја донесат подобрата иднина, треба да си одат, вели шефот на ОЈО Скопје за најавите за ветинг
Очигледна е недовербата во правосудството, но мора да се направи анализа за начинот што евентуално би ја подобрил перцепцијата во јавноста, вели шефот на скопското јавно обвинителство Гаврил Бубевски. Во интервју за „360 степени“ на ТВ Алсат, тој вели дека се согласува со каков било метод што ќе придонесе да се врати довербата во овие институции.
„Се согласувам и за ветинг и за предвремено пензионирање, дури и на мојата генерација ако сметаат дека тоа е проблем за правосудниот систем, меѓутоа мора да се најде некаков концепт, да се направи анализа во што лежи проблемот за целата оваа недоверба, вклучително и на корупцијата, и да кажеме – добро, ова сме го утврдиле, овие кадри не може да ни ја донесат подобрата иднина, треба да си одат. Имаше некоја државата од балтичките земји што ги отпушти сите. Да направиме кадри што на граѓаните ќе им ја донесат правдата. Затоа што овој народ е желен за тоа. Очигледно е дека не е задоволен од овие институции“,
вели Бубевски.

Тој смета дека ниското ниво на доверба постои од осамостојувањето на државата, па и пред тоа и вели дека повеќе фактори придонеле за таквата состојба. Сепак, најголемата вина за недовербата, Бубевски ја лоцира во редовите на правосудната фела.
„Најверојатно, највиновни за сето тоа во контекст на довербата сме самите ние, од правосудната фела. Ние треба да се избориме за поголема доверба и сметам дека преку транспарентност во нашите постапки, сега сѐ повеќе обвинителите и судиите се охрабруваат и излегуваат пред јавноста, кажуваат зошто така постапиле, имаат аргументација за своите одлуки. Дури и да е погрешна аргументацијата, после може да се споредува со друга аргументација, да се види зошто еден обвинител или судија така мислел. Значи, доколку ние се отвориме пред јавноста, транспарентно, доколку ги дигитализираме нашите процеси во коишто ќе имаат лесно увид и странките, тогаш мислам дека довербата сѐ повеќе ќе се враќа“,
вели Бубевски и додава дека и суетите имаат своја улога.
Шефот на ОЈО Скопје вели дека најголем број на кадрите во неговото обвинителство се од Академијата за судии и јавни обвинители. Смета дека неговите колеги во целост ја оправдуваат довербата што им е дадена, но посочува и дека обвинителската професија е индивидуална и дека секој сам ја крои својата кариера.