Габровски и најави на Демократска Бугарија дека лично ќе се обврзе да бара уставно мнозинство за спроведување на реформите во судството и измените во законодавството за создавање механизам за контрола на активностите на јавниот обвинител
Бугарската социјалистичка партија и Демократска Бугарија одбија да го поддржат кандидатот за премиер на ГЕРБ-СДС, Николај Габровски, по првите три средби одржани во Народното собрание, јави дописникот на МИА од Софија.
Според Габровски, неопходна е промена на тонот во политичкиот говор за време на разговорите со Демократска Бугарија, БСП и Бугарски подем на Стефан Јанев. Тој како свои приоритети ги наведе влезот на Бугарија во Шенген и еврозоната, планот за закрепнување и одржливост и владеење на правото.
Мандатарот коментираше дека на Бугарија не и требаат нови парламентарни избори. Според него, планот за закрепнување и одржливост треба да биде прва задача на новата бугарска Влада, а Шенген треба да биде втора задача и трето, како што рече, е насочување кон влезот во еврозоната.
Габровски и најави на Демократска Бугарија дека лично ќе се обврзе да бара уставно мнозинство за спроведување на реформите во судството и измените во законодавството за создавање механизам за контрола на активностите на јавниот обвинител.
Без да и дадат поддршка на владата на ГЕРБ, Демократска Бугарија е подготвена заедички да работи со неа на конкретни теми, иако е во опозиција.
Средбата на Габровски со БСП беше кратка. Тие отворено кажаа дека нема да поддржат влада на ГЕРБ, но изјавија дека веруваат дека на Бугарија и треба стабилност.
Од партијата на поранешниот вршител на должноста премиер Стефан Јанев порачаа дека на Бугарија и е потребна влада и побараа дијалогот да продолжи.
Денеска продолжуваат консултациите во бугарскиот Парламент заедно со Промените продолжуваат, Движењето за права и слободи и популистичката Препород, која исто така, сигнализираше дека нема да поддржи влада со мандат на партијата на Бојко Борисов.