Епидемиологот во гостување на РТС изјави дека во Србија бројот на смртни случаи од последици на ковид-19 е далеку поголем од регистрираниот, што, како што вели, е последица на различните начини на следење. Тој предлага затворање на 10 дена на сите несуштински дејности
Медицинскиот дел од Кризниот штаб смета дека треба да се воведат засилени рестриктивни мерки за да се намалат контактите, изјави денеска српскиот епидемиолог Предраг Кон во гостување на утринска емисија на РТС.
Кон, кој исто така е член на Кризниот штаб, рече дека предлогот е да се скрати работното време, како и 10 дена да работат само оние дејности, како што вели, што се од витално и суштинско значење. Тој рече дека членови на медицинскиот дел од Кризниот штаб имале консултации со премиерката Ана Брнабиќ и дека инсистирале да се спроведе она што го предложиле.
Тој, исто така, вели дека било побарано да се забранат јавни собири на повеќе од пет лица, што би спречило масовна инфекција.
„Од последната седница, нема подобрување во ситуацијата. Може да се види одредена стабилизација, но на речиси катастрофално ниво, и тоа сигурно не е подобрување”,
рече Кон.
Тој додава дека нема подобрување кога станува збор за бројот на вакцинирани, што, како што посочува, треба да биде најмалку 10 пати повеќе.
„Вакцинацијата продолжува, голем број луѓе се вакцинираат секој ден, но тоа е воопшто не е доволно“,
нагласи Кон и додава дека сегашната епидемиолошка ситуација е вонредна, а повремено и катастрофална.
Кон вели дека е скептичен дека предложените мерки ќе бидат усвоени, но изразува очекувања дека барем постепено ќе се воведе и ковид-пропусница.
„Во моментов имаме рекорден број во сериозна состојба во болниците. Ситуацијата е таква што нема места и луѓето треба да чекаат со часови”,
рече Кон.
Тој, исто така, изјави дека бројот на смртни случаи од последиците од ковид е далеку поголем од регистрираниот, што, како што вели, е последица на различните начини на следење.
Епидемиологот посочува дека сѐ помалку се почитуваат мерките за заштита од ковид.
Тој нагласува дека дури сега најмногу ќе почнат да се заразуваат оние на возраст под 30 години, меѓу кои има многу што не се вакцинирани.
„Ова е особено важи за младите луѓе на возраст од 12 до 18 години. Се формира еден вид солидарност од врсници, што е сосема погрешна работа. Тоа остава впечаток дека е ‘кул’ да се биде невакциниран”,
рече Кон за РТС.