Неколку граѓани, во рамките на нашите контакт точки се пријавиле дека се наоѓаат во деловите на земјата кои беа опфатени со насилните дејствија и се сметаат за небезбедни, посочуваат од МНР
Меѓународниот аеродром во Тел Авив е во целосна функција и од таму сѐ уште оперираат редовните комерцијални летови, како и посебните чартер летови, иако бројни авио компании низ светот во најголем дел ги одложија редовните линии со што редовниот авио превоз е отежнат, соопштуваат од Министерството за надворешни работи.
Отааму посочуваат и дека безбедносната состојба во Израел, сѐ уште останува сложена, а состојбата во и околу Тел Авив, како и поголемите градови во Израел и делот на Западниот брег иако без воени операции останува напната.
„Преку различните транспортни канали, во текот на вчерашниот ден 20 наши државјани го напуштија Израел, додека бројката на пријавени граѓани кои сакаат да заминат надмина 100. Во овој момент поголемиот дел од овие граѓани се наоѓаат на локации кои се сметаат за безбедни, а околу дваесетмина од нив, веќе имаат обезбедено билети за некои од комерцијалните редовни или чартер летови кои се на располагање“,
посочуваат од МНР.
Од МНР велат дека неколку граѓани, во рамките на нашите контакт точки се пријавиле дека се наоѓаат во деловите на земјата кои беа опфатени со насилните дејствија и се сметаат за небезбедни.
„Нашата амбасада во Тел Авив, како и контакт центарот во Скопје е во постојан контакт со нив и активно се работи за да се обезбеди нивен трансфер на безбедна локација, од каде би можеле да бидат упатени кон дома“,
соопштуваат од МНР.
Министерството за надворешни работи изготвило детална анализа и проекција на сите можности кои ќе ги презентира пред Владата, која потоа ќе одлучува за натамошните чекори кои ќе бидат преземени.
„Како што претходно објавивме, според проценки на кризниот штаб, на територијата на Израел и загрозените подрачја се проценува дека престојуваат меѓу 100 и 200 наши државјани, од кои преку половината се прецизно мапирани и редовно се одржува контакт со нив“,
додаваат од МНР.
За повеќе информации, на располагање се СОС дежурните телефони на Министерството за надворешни работи 075/ 273- 732 и 075/268-736, како и дежурниот телефон на Амбасадата во Тел Авив +972-54-926-7378.
Подетални информации околу актуелните состојби можат да се најдат на следната веб страница.
Уште еднаш ги повикуваме нашите граѓани кои во моментов се наоѓаат во Израел да ги почитуваат упатствата на безбедносните власти на Израел, како и да се пријават во амбасадата во Тел Авив или на дежурните телефони во централата во Скопје.