Не сум среќна што се случуваат собири. Луѓето може да протестираат колку сакаат, но дајте прво да ја победиме короната, рече премиерката на Србија, Ана Брнабиќ за РТС.
„Бројот на заболени експлодираше насекаде во светот. Кај нас ситуацијата нема врска со изборите“,
додава таа.
Вечерва, таа порача дека Србија секогаш е отворена за мирни протести, бидејќи со тоа го покажува својот демократски капацитет, но смета дека поради епидемијата на коронавирусот ова не е време за собири.
„Ќе има време за сите политички борби, но ова не е време. Единствена и најважна борба која мораме да ја победиме е коронавирусот. Не може Владата сама, не може Владата со претседателот, туку сите заедно“,
нагласи српската премиерка.
Брнабиќ изрази задоволство што вечерва на протестот пред зградата на Парламентот во Белград нема хулигани.
Сепак, вечерва околу 21:30 часот на просторот меѓу Градското собрание и Претседателството на Србија одекнала експлозија од пиротехнички средства, познати под името „топовски удар„, во момент додека повеќето демонстранти веќе два и пол часа седеле и мирно протестирале пред зградата на Парламентот.
Демонстрантите тврдат дека меѓу нив има провокатори и дека повеќе пати забележале групи од млади луѓе кои чудно се однесуваат.