Дел од лекарите и медицинскиот персонал од Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Св. Стефан“ во Охрид се заразени со британскиот сој на коронавирусот, што во значајна мера ја отежнува дејноста на институцијата.
Според информациите, состојбата во болницата е комплексна, но установата останува отворена за пациентите и итните случаи.
Во соопштението, од Заводот наведуваат дека Охрид е еден од најпогодените градови откако во последните денови има зголемен број на заразени со ковид-19 во цела земја.
„Веќе неколку недели сме помеѓу градовите со највисок број на активни случаи на број на жители во земјата. Од неодамна, од Министерството за здравство имаме и официјални податоци дека во Охрид и регионот е изразено висока застапеноста на британската мутација, која се одликува со значајно повисока преносливост. Ваквата состојба, за жал, не нè заобиколи и нас како установа која непрекинато ја врши својата дејност во услови на пандемија, но неколку месеци наназад во посебен оддел третира и ковид-пациенти. Сакаме да потенцираме дека во ковид-одделот кај нас се третираа најкомплексни пациенти од целиот регион и многу од нив имаа потреба од неинвазивна и инвазивна респираторна поддршка. Но, и покрај се, ги информираме нашите пациенти дека непречено ќе функционира згрижувањето на сите итни случаи и Салата за интервентна кардиологија ќе биде на располагање 24/7 во функција на третирање на сериозни и животозагрозувачки состојби“,
велат од Заводот.
Оттаму наведуваа дека и натаму ќе работи ургентна амбуланта за оние што имаат потреба од итен преглед.
Истовремено, апелираат до пациентите да бидат внимателни, да избегнуваат ризични контакти и да останат дома до постигнување на колективна имунизација.