„Сотровимаб“ бил дизајниран да се врзува за шилестиот протеин на површината на коронавирусот, но било откриено дека омикрон има невообичаено голем број мутации во тој протеин
Од британскиот производител на лекови „Глаксо Смит Клајн“ (Glaxo Smith Kline) соопштија дека лекот „сотровимаб“, односно терапија против ковид-19 заснована на антитела, на која работат со партнер од САД, „Вир биотехнолоџи“ (Vir Biotechnology), е ефикасен против сите мутации во новата варијанта на коронавирусот – омикрон, истакнувајќи дека станува збор за најнови податоци од истражување во рана фаза.
Резултатите од студијата, кои допрва треба да бидат разгледани и објавени во медицински научни списанија, сугерираат дека третманот со „сотровимаб“ е ефикасен против сите 37 мутации досега идентификувани на шилестиот протеин, се вели во изјавата на „Глаксо Смит Клајн“.
Друг претклинички резултат од истражување спроведено минатата недела покажа дека лекот дејствува против клучните мутации во варијантата омикрон.
„Сотровимаб“ бил дизајниран да се врзува за шилестиот протеин на површината на коронавирусот, но било откриено дека омикрон има невообичаено голем број мутации во тој протеин.
Коронавирусот предизвикува инфекција со помош на протеинот на неговата површина или шилестиот протеин со чија помош се врзува и влегува во клетките на телото и предизвикува болест. Затоа, повеќето вакцини се развиени на начин што го таргетира шилестиот протеин па вакцината во телото предизвикува производство на антитела и Т-клетки кои се насочени против шилестиот протеин и го спречуваат навлегувањето на коронавирусот во клетките на домаќинот.
„Овие претклинички резултати од истражувањето укажуваат на тоа дека нашето моноклонално антитело може да биде ефикасно против најновата варијанта омикрон, но и против сите други варијанти кои досега ги дефинираше СЗО“,
изјави главниот научен директор на ГСК, Хал Барон.
„Глаксо Смит Клајн“ и „Вир Биотехнолоџи“ создадоа таканаречени псевдовируси кои содржат значајни мутации на коронавирус во сите сомнителни варијанти што се појавија досега, и спроведоа лабораториски тестови за нивната реакција на лекување со „сотровимаб“.