Девеесетгодишната Мaргарет Кинан беше првата личност што ја прими антиковид вакцината, по клиничкото одобрување, на денешен ден пред една година
Велика Британија денеска бележи една година откако се аплицираше првата антиковид вакцина на „Фајзер“, надвор од клиничките испитувања.
Тогаш 90-годишната Мaргарет Кинан, беше првата личност што ја прими антиковид вакцината по клиничкото одобрување, на денешен ден пред една година.
Британскиот премиер Борис Џонсон го истакна успехот на Велика Британија во вакцинацијата против ковид-19, но повика и на вакцинација со трета, „бустер“ доза поради појавата на новата варијанта омикрон, што го принуди повторно да ги засили антиковид мерките.
„Од првата доза на вакцина пред една година, до денешен ден, нашата одлична вакцинација спаси стотици илјади животи. Вакцините остануваат наша прва и најдобра линија на одбрана од вирусот – затоа најдобриот начин да продолжите да се заштитувате себе си и вашите најблиски е да ја поддржите програмата за вакцинација и да земете дополнителна доза веднаш штом ќе се појави прилика“,
истакнува Џонсон.
Во однос на појавата на новата варијанта на коронавирус, британскиот министер за здравство, Саџид Џавид, рече дека засилувачките дози треба да обезбедат добра заштита од сериозна инфекција дури и ако вакцините се помалку ефикасни против омикрон отколку против претходните варијанти.
„Ние работиме без престан за да ја зајакнеме програмата за засилувачка доза за да ја максимизираме заштитата по појавата на варијантата омикрон,“
рече Џавид.