Управата за хидрометеоролошки работи предупредува на натпросечно топло време за овој период од годината во наредните неколку дена. Дневните температури од утре до недела, како што најавуваат од УХМР, на целата територија ќе бидат над 30, а на места до 40 Целзиусови степени
Поради најавите за топлотен бран во државава, Владата денеска на барање на Министерството за здравство, одржа вонредна седница на која донесе препорака во периодот од 19 до 23 јуни, на целата територија на државата да бидат ослободени од работа бремените жени и лицата над 60 години.
„Од Институтот за јавно здравје и метео-алармот на Управата за хидрометеоролошки работи се добиени информации дека од утре (среда, 19.06.) до недела (23.06) територијата на цела држава ќе биде зафатена од топлотен бран – портокалова фаза, со што ќе важат препораките за намалување на ризиците од високи температури, согласно Акцискиот план на Министерство за здравство за превенирање на последиците од топлотни бранови врз здравјето на населението“,
информираа од МЗ на официјалниот фејсбук-профил.
Покрај препораката за ослободување од работа на најранливите групи население, Владата донесе препорака и градинките да не практикуваат физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот.
„Единиците на локалната самоуправа, Црвен крст и центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица, бездомни лица; Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област“,
се наведува во препораките на Владата донесени по предлог на Министерството за здравство.
