Градот Серана во Бразил, на југоистокот на земјата, е едно од најсилно погодените од коронавирусот. Токму таму научниците решија да тестираат како делуваат вакцините против ковид
До крајот на март, дневната смртност во Бразил се искачи на просечно 3 000 случаи на ден, со вкупно дури 405 000 смртни случаи годишно. Тоа е втор најлош биланс на смртни случаи во која било земја во светот. Бидејќи вакцините во Бразил пристигнуваат бавно, само околу 15 проценти од населението примило барем една доза.
Освен во Серана. Таму е вакцинирана скоро целата возрасна популација.
Она што се случува во тој град може да даде увид во тоа каква ќе биде иднината на пандемијата – не само во Бразил, туку и низ целиот свет кога ќе се зголеми бројот на вакцинирани.
Масовната вакцинација е експеримент наречен „Проект С“, кој треба да ја измери реалната ефикасност на кинеската вакцина „КоронаВак“, вклучувајќи и колку добро штити од варијантите на коронавирусот.
„Меѓу прашањата на кои студијата може да одговори е: Дали вакцинираните ги штитат невакцинираните, колку трае нивниот имунитет и кои варијанти циркулираат. Конечно ќе може да набљудуваме како голем број луѓе реагираат на вакцината во реални услови“,
вели Маркос Борхес, координатор на проектот и директор на државната федерална болница во Серана.
„Проектот С е можеби најдобриот начин да се разбере ефективноста на вакцината против коронавирусот на краток и среден рок“,
смета Етел Месиел, епидемиолог од универзитетот „Еспирито Санто“.
Совршени услови
Серана има совршени услови за експериментот со Проектот С.
Релативно малиот град со 45 600 жители, од кои скоро 30 000 се возрасни, се наоѓа во близина на Центарот за истражување на јавното здравје, кампусот на Универзитетот во Сао Паоло. Вирусот многу силно ја погоди заедницата во тој град. Кога проектот беше лансиран во февруари, тимот на Институтот Бутантан постави цел да вакцинираат најмалку 80 проценти од жителите на градот постари од 18 години.
До 11 април, 27 722 лица ја примиле првата доза, а скоро сите 27 160 возрасни ја примиле втората доза до крајот на тој месец, што значи дека 95,7 проценти од возрасната популација биле целосно вакцинирани.
Податоци за реалниот свет
Во клиничкото испитување во третата фаза со 12 600 здравствени работници во Сао Паоло, „КоронаВак“ имаше ефикасност од околу 50 проценти две недели по втората доза. Сепак, клиничкото испитување е едно, а реалниот свет е нешто друго.
„Која е разликата помеѓу вакцината која има 95 проценти индивидуална ефикасност и онаа што има над 50 проценти? Мора да вакцинирате 80 или 85 проценти од луѓето со првата доза за да ја контролирате болеста и треба да ги вакцинирате скоро сите со втората доза за да го добиете истиот резултат“,
вели Ернесто Маркез, вирусолог од Универзитетот во Питсбург.
Бидејќи повеќето возрасни лица во Серана биле вакцинирани, Маркез верува дека резултатите ќе покажат колективна заштита или ефективност со „КоронаВак“, иако индивидуалната заштита се чини дека е релативно ниска. Резултатите може да покажат дали влијанието на масовната вакцинација на Серана ги надминува границите на градот.
„Приближно 15 000 од 45 000 граѓани патуваат на работа, така што ќе видиме како се одразува нејзината ефикасност кај исклучително подвижна популација“,
вели Борхес.
Проектот веќе покажува некои првични резултати. Бројот на сериозни случаи падна од околу 70 проценти во март на 10 проценти на почетокот на април. На почетокот на мај, ниту еден од шесте кревети во амбулантата во болницата Санта Каза Серана и градската јавна здравствена установа не е пополнет, додека чекањето за место на интензивна нега е нула.
„Проектот С“ ќе продолжи да ги следи жителите една година. Прашањата на кои тој ќе може да одговори ќе бидат клучни во помагањето на Бразилците и остатокот од светот да најдат излез од пандемијата.