Наводниот организатор на нападот, додаваат од полицијата, е уапсен за нелегално поседување огнено оружје во јужната држава Рио Гранде до Сул, додека тинејџерот е приведен за складирање детска порнографија во Рио

Бразилската полиција соопшти дека вчера спречила бомбашки напад планиран за концертот на американската пејачка Лејди Гага на плажата Копакабана во Рио де Жанеиро, пренесува Би-би-си.
Полицијата ја спровела операцијата врз основа на извештај добиен од лабораторијата за сајбер-операции на Министерството и по дојава од разузнавачката служба на полицијата на државата Рио, која открила дигитални ќелии кои поттикнуваат насилно однесување кај тинејџерите користејќи кодиран јазик и екстремистичка симболика.
Цивилната полиција на државата Рио де Жанеиро, во координација со Министерството за правда, соопшти дека осомничените регрутирале учесници за извршување напади со употреба на импровизирани експлозиви, а планот имал за цел да се здобие со популарност на социјалните медиуми.
„Лицето одговорно за планот и еден тинејџер беа уапсени“,
соопшти полицијата на Икс.
На концертот присуствувале повеќе од два милиони луѓе, а присуството било бесплатно.
Полицијата соопшти дека групата што го планирала нападот ширела говор на омраза, главно против деца, адолесценти и ЛГБТК+ заедницата.
Наводниот организатор на нападот, додаваат од полицијата, е уапсен за нелегално поседување огнено оружје во јужната држава Рио Гранде до Сул, додека тинејџерот е приведен за складирање детска порнографија во Рио.
„Оние што се одговорни, исто така, ја промовирале радикализацијата на тинејџерите, вклучително и самоповредување и насилна содржина како форма на припадност и предизвик кај младите луѓе“,
се додава во написот на Би-би-си.
Министерството за правда соопшти дека осомничените се идентификувале како обожаватели на Лејди Гага, познати како „Мали чудовишта“.
Концертот бил платен од градот во обид да се оживее економијата на Рио, со очекувања дека би можел да донесе 100 милиони долари.