Сојузната држава Саун Пауло, на југоистокот од јужноамериканската земја, прогласи седумдневна жалост поради смртта на спортистот
Бразил се збогува со легендарниот фудбалер Пеле. Седумдневна жалост е прогласена во сојузната држава Саун Пауло, додека џиновскиот споменик на Исус над Рио де Жанеиро свети во зелената и жолтата боја на националното знаме. Пеле, кој трипати го освојуваше Светското првенство со Бразил, почина на 82-годишна возраст во болница во јужниот дел на градот Саун Пауло.
„Болницата ‘Израелита Алберт Ајнштајн’ со тага може да потврди дека денеска во 15:27 часот Едсон Арантес до Насименто Пеле почина како последица на повеќекратно откажување на органите. Причината била прогресијата на ракот на дебелото црево, поради што бил примен“,
соопштија од болницата во која Пеле беше хоспитализиран од 29 ноември.
Кели Насименто, ќерката на Пеле, објави проштална порака на социјалните мрежи.
„Сè што сме е поради тебе. Те сакаме бескрајно. Почивај во мир“,
напиша таа.
Фудбалскиот клуб Сантос, за кој настапуваше од 1956 до 1974 година, објави слика од круната со зборовите „засекогаш“.
Eterno. pic.twitter.com/N912VpCmVK
— Santos FC (@SantosFC) December 29, 2022
Сојузната држава Саун Пауло, на југоистокот од јужноамериканската земја, прогласи седумдневна жалост поради смртта на спортистот.
„Во знак на почит кон најголемиот мит во бразилскиот фудбал, прогласувам седумдневна официјална жалост. Моето сочувство до семејството и пријателите и до фудбалскиот клуб Сантос, неговиот клуб и неговата страст“,
рече гувернерот Родриго Гарсија во пораката.
И фудбалскиот клуб Сантос објави соопштение во кое ја изразува својата тага поради смртта на „кралот на фудбалот“, како што го нарекоа.
„Сантос длабоко жали за смртта на најдобриот фудбалер на сите времиња, човекот кој на светот му го донесе името Алвинегро Прајано (бело-црниот од плажата). Нашиот најголем идол кој го овековечи дресот со број 10 и го претвори во дело на уметност“,
се вели во соопштението.
Нашето сочувство до мајката Дона Селеста, до сопругата Марсија Аока, децата и внуците и до сите оние кои се страстни за спортот, како нас, поданиците на кралот, засекогаш, стои во текстот.
Веста за смртта на Пеле е на насловните страници на бразилските онлајн весници.
„Тој беше добар фудбалер, но лош татко и хулиган како семеен човек“, вели Алесандра Лоренцо, 39-годишна Бразилка родена во градот Куритиба. „Луѓето сега претеруваат поради идолопоклонство“, додала таа, потсетувајќи дека Пеле бил неколкупати женет и имал многу деца, а наводно и ќерка која одбил да ја признае, која починала од рак на 42-годишна возраст.
Информациите за погребот на Пеле се уште не се објавени.