Братот на Афроамериканецот Џорџ Флојд, кој беше убиен додека беше апсен од полицијата во Минеаполис, Фолонајз Флојд, денеска во американскиот Конгрес повика на одговорност и реформи за спречување на полициска бруталност.
„Запрете ја болката. Мојот брат не може да остане запомнат само како уште едно име во серијата имиња на жртви на полициската бруталност. Бидете лидери какви што се потребни на нашата земја и целиот свет. Тука сум да ве замолам да ја запрете болката. Мојот брат молеше за помош, но неговата молба беше игнорирана. Затоа, ве молим, слушнете го повикот кој ви го испраќаме моето семејство, јас и луѓето од целиот свет. Доста беше!“,
рече Флојд.
Правосудниот комитет на Претставничкиот дом, кој е под контрола на демократите, планира до 4 јули да достави предлог-закон до законодавците против полициското насилство и расната неправда.
Предлог-законот на демократите во Претставничкиот дом се очекува да забрани полициско „задушување“ на осомничените, да воведе анти-расистички тренинг во полицијата, да спречи селење на обвинети полицајци во други безбедносни структури и да го олесни гонењето на оние што ги кршат правилата на службата.