Во објавата Божиновски не посочува конкретни мотиви за нападот врз него ниту, пак, евентуални лица за кои се сомнева дека стојат зад него
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ) бараат итна реакција од Министерството за внатрешни работи да спроведе брза и ефикасна истрага за пронаоѓање и санкционирање на напаѓачот врз сопственикот на порталот „Буревесник”
Жив сум, со повреди кои ќе поминат, семејството ми е вознемирено, а на станарите од десетина станбени згради во моето соседство синоќа им е испратена порака „не сте безбедни, ова е небезбедна држава, секој може да ве начека пред вашиот влез и да ве претепа, не очекувајте подобро од ова“, напиша на својот фејсбук-профил сопственикот на порталот „Буревесник“, Зоран Божиновски, кој вчера вечер бил нападнат и претепан од неколку непознати лица пред својот дом во Битола.
Во објавата Божиновски не посочува конкретни мотиви за нападот врз него, ниту евентуални лица за кои се сомнева дека стојат зад него.
„Како контроверзен, а всушност неприлагоден новинар во македонската медиумска баруштина, денес со ладна глава гледам на ова што се случува. Ми се случува мене, ама во прашање е општа небезбедност. Секој ден имаме насилство, пријавено или непријавено, секој ден малите луѓе трпат од наводно големите, оние што ги ограбија. Трагично е што ова мене ми се случува во период на деветгодишен кривичен прогон за ич ништо, оти на будали на власт им текнало пред девет години дека можат да ме уништат со монтиран политички процес, без докази, без сведоци, без логично образложение на тоа што ми го измислиле како обвинение, а не личи на ништо. Илјада и сто такви како мене се процесуирани, згазени, речиси секој втор од нас има починат член на семејство од стресовите кои ни ги приредија. И тоа оди во недоглед, Влади се менуваат, лажни програми ни се сервираат, најмуваат интелектуалци да им бранат неодбранливо. А јас сум само пречка на нивниот пат кој не води никаде“,
пишува Божиновски во објавата на „Фејсбук“, додавајќи дека ќе продолжи по патот „кој го одам од мај 1999 година“.
Физичкиот напад врз Божиновски е регистриран во полицискиот билтен на Министерството за внатрешни работи.
„На 25.10.2022 во 20.42 часот во СВР Битола, П.С. од Битола пријавила дека на ул.„Кочо Рацин“ во Битола нејзиниот сопруг З.Б.(56) од Куманово бил физички нападнат од неколку лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“,
стои во информацијата на МВР за случајот.
Божиновски, според тврдењата на неговата сопруга Панда Солунчевска, бил претепан пред неговата куќа во Битола, а напаѓачите најверојатно носеле метални боксирачи на рацете.
„Се враќавме од пат во Скопје, каде што бевме со автобус. Напаѓачите очигледно точно знаеле кога ќе стасаме пред куќниот праг. Крвнички се нафрлија врз Зоран. Беа маскирани. Меѓу прстите на рацете имаа некакви метални додатоци. Мене не ме нападнаа. Ужасната, јас силно спискав и свикав и дури потоа тие го оставија Зоран претепан и тешко повреден“,
изјавила Солунчевска за „Плусинфо“.
Инаку, ова не е прв физички напад врз сопственикот на „Буревесник“, кој се најде и на обвинителна клупа во случајот „Шпион“.
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ) бараат итна реакција од Министерството за внатрешни работи да спроведе брза и ефикасна истрага за пронаоѓање и санкционирање на напаѓачот врз сопственикот нa порталот „Буревесник”.
„Го осудуваме секој облик на физичко насилство и потенцираме дека физичкиот напад претставува кривично дело. Апелираме МВР и ОЈО, итно да ги истражат и процесираат ваквите напади со цел да ги казнат оние кои го прекршуваат законот, но и да превенираат евентуални вакви кривични дела во иднина“,
велат од ЗНМ и СЕММ.
За нападот врз Божиновски со најостра осуда реагираше и претседателот на државата, Стево Пендаровски.
„Нajостро го осудувам нападот врз новинарот Зоран Божиновски. Република Северна Македонија е правна држава во која се штитат човековите права и слободи, затоа повикувам за ефикасна истрага на овој случај. Неприфатливо е насилничко однесување кон кој било граѓанин во Република Северна Македонија, без разлика на професијата“, напиша претседателот Пендаровски на Фејсбук.