Борисов изјави дека е добро Северна Македонија што поскоро да влезе во ЕУ, но дека прво е потребно да се најде решение за малцинствата, Уставот и „разјаснување на историјата“
Ако бугарската Влада направи отстапки кон Северна Македонија и ги достави до Парламентот, ние сме подготвени да ги поддржиме, изјави поранешниот бугарски премиер и лидер на најголемата опозициска партија во земјата, Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), Бојко Борисов во интервју за бугарски весник „24 Часа“.
На прашањето дали планот предложен од новиот бугарски премиер, Кирил Петков, за формирање работни групи за дијалог со земјава би функционирал, Борисов најави поддршка.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Борисов во интервјуто потсетува дека неговата Владата го склучи Договорот за добрососедство со Северна Македонија, потег што го оценува како „огромен чекор напред“.
„За време на бугарското претседавање со ЕУ, имаше средби меѓу грчкиот и македонскиот премиер Алексис Ципрас и Зоран Заев, како и со (францускиот претседател Емануел) Макрон и други. Договорот од Преспа се роди во Софија, како можност по Договорот со Бугарија“,
вели Борисов.
Според Борисов, тогаш на земјава и било кажано дека има „две-три теми што треба да се решат – малцинствата, да се смени Уставот, да се разјасни историјата – и потоа да продолжи понатаму“.
Борисов во интервјуто нагласува и дека му посакува на новиот бугарски владин Кабинет да води добри преговори со земјава и ако неговата Влада нешто згрешила да го исправи тоа.
„Ние им кажавме на нашите соседи, постојат две-три теми: малцинствата, промената во Уставот и изјаснувањето за историјата. Кога ќе ги решите, ќе продолжите напред. Ние на никаков начин не ги запираме, но како да им кажеме – повелете во Европската унија, а потоа да ја наполниме Унијата со проблеми за кои не се разбираме. Затоа ги забавивме. Еве, сега сме подготвени, тие да направат отстапки, нашата Влада да направи отстапки, да поминат во Собранието и ќе ги поддржиме“,
вели Борисов.